Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Светската здравствена организација (СЗО) реши мутациите на корона вирусот да се  именуваат со букви од грчката азбука, односно да нема повеќе користење на изразите, „британски“ или „индиски“ или слично, а исто така и да не се употребуваат ниту комбинациите од броеви и букви. Новите називи според грчката азбука, ќе одат според редоследот на нивното откривање. Варијантата што беше откриена прва во Велика Британија, ќе се вика „Алфа“, онаа од Јужна Африка ќе се нарекува „Бета“, мутацијата во Бразил ќе биде „Гама“, а онаа од Индија, „Делта“.

Според СЗО, целта е ниедна земја да не биде стигматизирана поради откривањето и пријавувањето на варијанти на ковид-19, а и да се поедностави и стане попрактично користењето на медицинските називи на корона вирусот кај ненаучната јавност.

„СЗО и нејзините меѓународни мрежи на експерти ги следат промените на вирусот, така што, ако се идентификуваат значителни мутации, можеме да ги информираме земјите и јавноста за какви било промени потребни за реакција на варијантата и да спречиме ширење на вирусот. На глобално ниво, воспоставени се системи кои го зајакнуваат откривањето на „сигнали“ на потенцијални мутации и проценката на истите врз основа на ризикот што го носат за глобалното јавно здравје. Националните власти можат да изберат да назначат други варијанти од локален интерес“, посочуваат од СЗО.

Одлуката на СЗО за користење на грчки букви е донесена после повеќемесечни размислувања на експерти од разни земји.