fbpx

Светски ден на здравјето: 30 отсто од сегашните доктори ќе се пензионираат за неколку години

Седумдесет отсто од пациентите во државата немаат пристап до сите лекови, а 40 отсто не можат да си ги дозволат соодветните лекови од позитивната листа кои им се потребни и тие се присилени да плаќаат од џеб

-

За неколку години, 30 отсто од сегашните доктори ќе се пензионираат. Се соочуваме со кризна состојба во иднина, па затоа треба да ги подобриме условите за здравствените работници, да им се зголемат платите, условите за работа. Оти ако не им се допаѓаат условите, тие си заминуваат и тоа во Северна Македонија се случува. Освен тоа, 70 отсто од пациентите во државата немаат пристап до сите лекови, а 40 отсто не можат да си ги дозволат соодветните лекови од позитивната листа кои им се потребни и тие се присилени да плаќаат од џеб.

Ова го истакна д-р Ане Јохансен, специјалната претставничка на Светската здравствена организација за Северна Македонија, на денешниот свечен собир во „Холидеј Ин“, организиран од Македонското лекарско друштво (МЛД), по повод Светскиот ден на здравјето. На настанот свои обраќања имаа и д-р Горан Димитров, претседателот на МЛД, министерот за здравство Фатмир Меџити, како и д-р Јованка Бислимовска од Институтот за медицина на трудот.

„Има одредени групи на население во Северна Македонија кои имаат ограничен пристап до здравствените услуги. Високиот крвен притисок е најголема причина за прерана смрт во земјата. Тоа го чини општеството десетици милиони денари годишно поради трошоците за лечење и поради изгубената продуктивност. Лековите кои се на позитивната листа се многу стари, па луѓето се решаваат да ги купат во кеш“, рече д-р Јохансен.

Проф. д-р Димитров кажа дека е потребно да почнат да работат болниците во Дебар, Кочани, Штип, Струга и во други градови, за да не биде сè централизирано и да се праќаат сите пациенти на лечење во Скопје.

„Втората наша заложба е дека треба да се менува Законот за лекарска дејност, кој не е добар. Ваков закон не постои во ниедна друга држава. Според еден од најголемите швајцарски здравствени менџери, берзата на докторскиот труд треба да биде слободна, да нема ограничувања, да нема професионални и етички ограничувања. Тоа во нашиот закон недостасува. Исто така потребно е да работиме повеќе на колегијалните односи, да се дружиме, да се почитуваме. Да биде застапена честа и угледот на професијата“, рече д-р Димитров.

На настанот беше истакнато дека Министерството за здравство се соочува со големи предизвици за да ги задоволи сите потреби.

„Го убедив нашиот директор да издвои повеќе финансии, за да се бараат начини да се подобри ефикасноста на МЗ и неговото работење. Јас сум оптимистка и верувам дека ќе видиме уште подобри резултати“, потенцира д-р Јохансен.

Претставничката на СЗО истакна дека започнува целогодишна кампања, со која поентата е да се зајакне здравството после пандемијата низ која минавме.

„Сакаме повторно да иницираме капмања и да се справиме со некои од тие предизвици и да се подготвиме за некоја идна пандемија. Се соочуваме со глобализација, ќе има и нови пандемии, тоа е малку заплашувачки, но не треба да не загрижува зашто секако тие пандемии се нешто што ќе дојдат“, рече д-р Јохансен.

На настанот им беа доделени награди и признанија на доктори, како и на еден најдобар студент за календарската 2022 година, Стефан Неделкоски кој дипломирал со просек 10.00 на Медицинскиот факултет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...