Субвенциониран оброк: 60 отсто од студентите ги подигнале картичките, МОН со апел до останатите

МОН упатува апел до сите останати студенти кои уште не постапиле согласно дадените насоки, да го сторат тоа поскоро

Илустрација: Мета.мк

Околу 60 отсто од студентите кои ги исполниле условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк досега ја подигнале наменската платежна картичка преку која единствено може да се користат средствата кои им следуваат, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН) по добиени информации од Шпаркасе банка, која беше одбрана да го спроведува платниот промет за оваа мерка.

МОН упатува апел до сите останати студенти кои уште не постапиле согласно дадените насоки, да го сторат тоа поскоро.

Потребно е задолжително да се регистрираат на активната онлајн платформа на Шпаркасе банка и да ги ажурираат своите податоци на овој линк.

По ова, студентите ќе добијат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменската студентска „Visa“ картичка за субвенциониран оброк.

Средствата во износ од 140 денари дневно ќе можат да ги користат од понеделник до сабота, за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.