Студентите и државата постигнаа договор околу субвенционираниот оброк

Фото: Мета.мк

Средбата меѓу студентите и претставници на државните институции заврши со договор за субвенционираниот студентски оброк. Според договореното, оброкот за почеток ќе се исплаќа како и минатата година, односно до 15 март студентите ќе ги добиваат средствата на месечно ниво, а висината на оброкот останува 120 денари дневно. До 15 декември, пак, студентите ќе ги добијат средствата што им следуваа и за месеците октомври и ноември.

Критериумите кои наидоа на негодување меѓу студентите се повлекуваат, а ќе продолжат да важат условите што студентите требаше да ги исполнуваат минатата година.

Од март се предвидува да се применува системското решение, според кое студентите ќе имаат на располагање по еден оброк на дневно ниво, а ќе можат да го купуваат кај регистрирани даватели на услуги преку специјализирани картички или мобилен телефон. Со примената на системското решение се предвидува и зголемување на износот на субвенционираниот оброк, на најмалку 140 денари, информираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири по завршувањето на средбата.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски, по средбата за Мета.мк изјави дека барањата на студентите биле прифатени и дека во наредниот период ќе бидат дел од работните групи што ќе го креираат системското законско решение.

„Барањата кои ги истакнавме и со кои излеговме јавно и транспапретно ни беа прифатени. Почнувајќи од утре ќе бидеме дел од сите работни групи кои ќе дадат придонес кон носење системско решение кое очекуваме да биде подолгорочно и со кое ќе се обезбедат повеќе средства и подобар начин на исплаќање на студентскиот оброк“, изјави Темелковски.

Тој додаде дека целта на средбите на работните групи е да се креира решение чија крајна цел е секој редовен студент да има право на субвенциониран оброк. Освен за оброкот, на средбата во Собранието се разговарало и за другите проблеми со кои се соочуваат студентите во моментов.

„Битката е добиена, но војната за подобар студентски стандард и квалитетно образвание сѐ уште трае“, рече Темелковски.

На средбата присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими. Ковачевски по излегувањето од Собранието рече дека му е драго што студентите и државата изнајдоа заеднички јазик околу субвенционираниот оброк и дека на средбата се разговарало и за другите аспекти на студентскиот стандард, меѓу кои и за состојбата во студентските домови. Најави дека заедно со МОН ќе се направат максимални напори за подобрување на состојбата во домовите каде истата е на ниско ниво.

„Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, да ги истакнат своите ставови, а на нас во Владата и на пратениците ни останува тие ставови да ги слушаме, да разговараме со студентите и да наоѓаме решенија. Поминаа времињата кога некој можеше да си поигурва со студентите така како што сака, бидејќи студентите се тие кои се наши деца и се иднината на оваа држава“, рече Ковачевски.

Половина час пред формалните студентски претставници да влезат на средбата во Собрание, започна протестот на движењето „Студентски отпор“. Десетици студенти пред законодавниот дом упатија пораки преку транспарентите „На гладно и на ладно не се учи“,„Студентски оброк или политички облог“, „Се тресеме од студ, не од страв“. На улицата пред собранието со боја беше испишан и зборот „Отпор“.

Фото: Мета.мк

Иако предлог-законот за субвенционираниот оброк беше повлечен, движењето реагираше дека тоа не е единствениот проблем што го имаат студентите.

Групата побара и замена на студентските оброци со оние на пратениците, нудејќи им во пластични чинии парче леб и зденка, затоа што, според нив, така изгледа еден студентски оброк.

Претставници на движењето побараа посебна собраниска седница на која ќе присуствуваат и тие, при што, освен за оброкот, ќе се дискутира и за другите проблеми со кои се соочуваат студентите, меѓу кои и лошите услови во студентските домови, неизедначените стипендии и мерките за штедење кои ги засегаат нив.

„Исто така, покрај за субвенциониран студентски оброк, да разговараме и за другите проблеми на студентите. Што е со стипендиите? Што е со мерките за штедење на електрична енергија и со условите во студентските домови? Бараме изедначување на висината на стипендиите на највисокиот износ за што апелиравме уште пред една година. Покрај тоа, бараме изземање на студентите од мерките за штедење електрична енергија донесени од страната на Владата со што се предвидува гасење на фрижидерите и лифтовите во студентските домови, забрана за користење на сопствени грејни тела во собите и заедничките простории и ред други услови кои се донесени како мерки од Владата. Не смееме да дозволиме да се штеди на младите луѓе во државата“, апелираа од движењето кое најави дека протестот ќе продолжи и утре.

Пред студентскиот протест, партиите со свои “рецепти” за субвенционираниот оброк