Пред студентскиот протест, партиите со свои “рецепти” за субвенционираниот оброк

Претставници на универзитетските студентски собранија од повеќе државни и приватни универзитети денеска ќе остварат средба со пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која ќе се разговара за измените на Законот за субвенциониран студентски оброк. Средбата следува по реакциите во јавноста откако предлог-законот се најде на дневен ред на собраниската седница закажана за в среда, поради промените кои се предвидуваат во однос на критериумите што студентите треба да ги исполнат за државата да им субвенционира еден оброк дневно.

Конкурсот за студентскиот оброк доцни повеќе од два месеца, а кога конечно стигна до дневниот ред во Собранието на Северна Македонија, се најде во центарот на вниманието на јавноста и стана тема каде партиите ги вкрстија своите копја.

Субвенциониран студентски оброк по примерот на Словенија

Мерката субвенциониран студентски оброк за првпат се спомна на почетокот од 2020 година, кога, по примерот на Словенија и со помош на словенски експерти, предлог-закон поднесе Либерално демократската партија (ЛДП), а истиот наиде на поддршка од пратениците и беше донесен во февруари истата година.

Тогашниот закон предвиде мерката да биде воведена на почетокот од академската 2021/2022 година, што и беше случај, иако ковид-пандемијата ги поремети плановите за исплата на субвенциите. За разлика од системското решение предвидено во законот, минатото лето беше донесена преодна одредба, според која, наместо студентите секојдневно да купуваат оброци кај регистрирани даватели со специјално изработени картички, се предвидуваше исплатата да се врши на трансакциските сметки на студентите на почетокот од секој месец.

Ваквите измени требаше да траат само минатата академска година, а веќе од тековната академска 2022/2023 требаше да стапи на сила оригиналниот закон, што на крај не се случи.

За да земаат субвенциониран оброк, редовните студенти на додипломски студии минатата година требаше да не бидат вработени, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечни примања повисоки од минималната плата, која во 2021-вата изнесуваше нешто над 15.000 денари. Министерството за образование и наука, тогаш предводено од Мила Царовска, предвиде со мерката да бидат опфатени 40.000 студенти, иако на крајот од годината вкупниот број на корисници на субвенциониран оброк изнесуваше помалку од 30.000 студенти.

Исплатата на оброкот во неколку наврати се одвиваше отежнато и ги извади на виделина првичните недостатоци на системот за електронски услуги на МОН. Така, на дел од студентите им беше одбивано правото на оброк и покрај исполнувањето на условите, други добиваа исплата по грешка и опомени пред тужба, а во еден случај правото им беше прекинато на стотици студенти, повторно поради грешка во електронскиот систем на Министерството.

Износот на субвенциите минатата година изнесуваше по 120 денари дневно за секој работен ден во периодот од 15 септември до 30 јуни, но немаше ограничувања во начинот на кој можеа да се користат овие средства. Па така, освен за исхрана, со овие пари студентите можеа да плаќаат кај секој трговец во државата. На крајот од денот, овие средства беа и повеќе од добредојдени во скромниот студентски буџет во време на криза.

Конкурсот доцни – износот повисок, критериумите построги

И покрај тоа што законодавците имаа цело лето да го подготват системот за исплата на субвенциониран студентски оброк за новата академска 2022/2023 година, предлог-законот не се најде на собраниска седница сè до неделава. Неорганизираноста на институциите и доцнењето на измените резултираа со најава дека оброкот и годинава ќе почне да се исплаќа како лани, директно на трансакциските сметки на студентите.

На крајот, субвенционираниот студентски оброк во Собранието стигна преку два предлог-закона. Едниот од пратеничка група на мнозинството, а другиот од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлог-законот кој требаше да биде изгласан предвидува низа построги критериуми, што резултираше со гласна реакција на студентите, поради тоа што голем број од нив ќе го загубат правото на оброк.

Покрај стандардните услови од минатата година, во новиот предлог-закон се предвидува дека, за да земаат субвенциониран оброк, студентите не треба да бидат корисници на стипендија од МОН, а критериумот за минимална плата, освен за нив лично, сега се однесува и за нивните семејства. Меѓу другото, се предвидува субвенционираниот оброк да им се ускрати на студентите со статус „апсолвент“, а додадени се и услови според кои оброк ќе можат да земаат само студентите кои имаат положено најмалку 80 отсто од предвидените предмети во претходните години на студии.

Новите наметнати критериуми наидоа на несогласување од страна на студентите, при што повеќе универзитетски и факултетски собранија на државните и приватните универзитети побараа повлекување на предлозите на пратениците.

За студентите е нејасно зошто се воведуваат нови критериуми и реагираат дека со новите услови се побива суштината и целта на законот, кој предвидува обезбедување на здрав оброк за секој студент.

Моника Зајкова од Либерално демократската партија најави дека предлогот ќе се повлече и ги повика студентските претставници на средба во Собранието.

Но, предложените измени на кои реагираа студентите не се случајни, ниту пак се само идеја на група пратеници. Планот за вакво решение потекнува од мерките и препораките според планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, што Владата ги донесе на својата 88 седница на почетокот од октомври.

Една од точките во овој документ која се однесува на рационализација на расходите во МОН, ги засега и студентскиот оброк и стипендиите, без дополнително да се објасни каков импакт ќе имаат решенијата врз овие мерки.

И додека се очекува средбата на формалните претставници на студентите со законодавците и министерот за образование во Собранието во 16:30 часот, политичките партии го искористија моментот на кревање на студентскиот глас и предложија свои решенија за субвенционираниот оброк.

Така, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги повтори своите барања за применување на ланскиот модел на исплата на средствата, но и за зголемување на финансиската поддршка на 160 денари дневно.

„Зголемувањето на субвенцијата е резултат на историски најголемото покачување на цените на храната во изминатата година, кое надминува 30 отсто“, стои во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија ги повикаа своите колеги од мнозинството да го изгласаат нивниот предлог уште денес, а од утре сите засегнати страни да разговараат за подобрување на квалитетот на студентскиот стандард во земјава.

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, вчера порача дека студентите треба да се борат за своите права и дека за нивните забелешки ќе разговараат со ресорниот министер.

„Дури и јас имам две забелешки, како ограничувачки фактори кои беа ставени, а сметам дека не треба да бидат, и му ги кажав во текот на вчерашниот ден на министерот за образование и наука“, рече Ковачевски.

Собраниска седница за субвенционираниот оброк и студентскиот стандард побараа и од партијата Демократски сојуз.

Од партијата Левица, пак, претходно предложија зголемување на износот на 150 денари дневно, а исто толку бараат и од движењето „Студентски отпор“ кое најави протест пред Собранието во 16 часот.

Од ова движење, освен зголемување на субвенционираниот оброк, ќе бараат и изедначување на стипендиите на повисокиот износ, потоа изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за штедење на струја и подобрување на условите во студентските домови.