Предлог-законот со кој се предвидуваа измени на субвенционираниот студентски оброк се повлекува од Собранието, откако истиот се најде на дневен ред на собраниската седница закажана за в среда.
Повлекувањето на предлогот го најави пратеничката Моника Зајкова од Либерално демократската партија (ЛДП) која беше меѓу пратениците што ги предложија измените во законот за субвенциониран студентски оброк.
Нејзината најава доаѓа по реакциите во јавноста околу новите критериуми кои студентите треба да ги исполнуваат за да бидат корисници на оваа мерка.
„Законот за студентски оброк кој предизвика оправдани реакции меѓу студентите по однос на критериумите кои се вметнати во истиот се повлекува, заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите… Ова решение треба да прерасне во пракса за да се надоградува во годините кои следат по примерот на Словенија каде се применува долги години“, напиша Зајкова на Фејсбук, повикувајќи ги претставниците на Универзитетските студентски собранија на средба во Собранието утре.
Универзитетските и факултетските студентски собранија викендов реагираа на најавените промени, нагласувајќи дека не се согласуваат со истите.
Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ велат дека не ги прифаќаат новопредложените услови поради фактот дека суштината и целта на законот за субвенциониран оброк е да обезбеди здрав оброк за секој студент.
„Со новите услови автоматски се побива суштината и целта на законот и многу јасно се гледа намерата што е можно повеќе студенти да бидат изземени од правото на користење на студентскиот субвенциониран оброк. Затоа како УСС веќе сме во процес да ги искористиме сите механизми ваквото предлог-решение да не помине“, реагираа од УСС УКИМ.
На реакцијата на Универзитетското собрание се надоврзаа повеќе факултетски собранија од овој универзитет.
Ниту Универзитетското студентско собрание на УКЛО не го поддржува новиот предлог-закон. Од таму тврдат дека истиот ќе изврши дискриминација на студентите по разни основи.
„Овие средства се од значење за студентите на целата територија на државата, а со оваа постапка повторно би се одело по патот на дискриминација која беше направена и минатата година со покачувањето на стипендиите, повторно нееднакво за сите“, реагираат од УСС УКЛО.
Реакции и неприфаќање најавија и студентското собрание на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и студентските собранија на повеќе приватни универзитети.
Утре во 16:30 часот во Собранието на Република Северна Македонија средба со пратениците и Министерството за образование и наука ќе одржат токму претставници на универзитетските студентски собранија, на која ќе се разговара за повлекување на новонаметнатите услови во законот за субвенциониран студентски оброк.
Предлог-законот за субвенциониран оброк требаше да се најде на собраниска седница во среда и да биде донесен од страна на пратениците по скратена постапка. Во измените се предвидуваат нови услови кои студентите треба да ги исполнуваат за да бидат корисници на финансиската мерка.
Условите кои студентите требаше да ги исполнат минатата година кога започна исплаќањето на субвенционираниот оброк вклучуваа тие да не се вработени, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечни примања повисоки од минималната плата.
Покрај овие услови, во измените во новиот предлог-закон се предвидува дека, за да земаат субвенциониран оброк, студентите не треба да бидат корисници на стипендија од МОН, а критериумот за минимална плата, освен за нив лично, сега се однесува и за нивните семејства. Меѓу другото, се предвидува субвенционираниот оброк да им се ускрати на студентите со статус „апсолвент“, а додадени се и услови според кои оброк ќе можат да земаат само студентите кои имаат положено најмалку 80 отсто од предвидените предмети во претходните години на студии.
Со вакви услови, бројот на студенти кои би биле корисници на мерката ќе се намали значително. Минатата година субвенциониран оброк им бил одобрен на 27.000 студенти.
Мета.мк во неколку наврати пишуваше дека годинешниот конкурс за субвенциониран студентски оброк доцни. За разлика од оваа, конкурсот во минатата академска година беше објавен уште во август, а првата исплата студентите ја добија во октомври.
Во предлог-законот се предвидува износот на субвенциите да се покачат од 120 на 140 денари дневно.
За утре пред Собранието на Северна Македонија е закажан и протест на движењето „Студентски отпор“. Тие велат дека барањата што ќе ги упатат до институциите вклучуваат повлекување на измените на законот за субвенциониран оброк, зголемување на износот на истиот од 120 на 150 денари, изедначување на стипендиите на повисокиот износ, потоа изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за штедење на струја и подобрување на условите и итна санација на проблемите во студентските домови.