Субвенциониран студентски оброк – финансиска мерка која не се користеше само за купување здрави оброци

Месецов заврши последната исплата за субвенционираниот студентски оброк – финансиска мерка со која од изминатава академска година државата го збогати студентскиот буџет и која, како што најавија властите, има за цел да го унапреди студентскиот стандард и да им помогне на студентите во покривањето на трошоците за исхрана.

Со оваа мерка, студентите добиваа финансиска поддршка во износ од 120 денари за секој работен ден, односно околу 2.400 денари месечно, во текот на девет месеци во годината – средства наменети за купување на здрави оброци.

Но, како што подоцна покажа ситуацијата, пандемијата ги „помати“ плановите околу користењето на овие средства, па поради зголемувањето на цените на производите и укинувањето на ограничувањата околу тоа каде сè може да се плаќа, студентите, наместо за исхрана, парите ги користеа и за други намени. На крајот од денот, средствата од субвенционираниот студентски оброк беа и повеќе од добредојдени во скромниот студентски буџет во време на криза.

Иако Министерството за образование и наука (МОН) предвиде 40.000 студенти – корисници на оваа мерка, во академската 2021/22 година, субвенциониран студентски оброк им бил одобрен на 27.000 студенти. Право на користење на оваа мерка имаа сите редовни студенти на додипломски студии, запишани на државните и приватните високообразовни установи во земјава.

Субвенционираниот студентски оброк изминатава година го одбележаа неколку моменти. Иако првично усвоеното законско решение предвидуваше средствата да се користат исклучиво во угостителски објекти, со направената измена се овозможи студентите да плаќаат кај било кој трговец, со препорака средставата да бидат наменети за набавка на храна. Ваквата одлука, како што појаснија тогаш од МОН, била донесена поради ситуацијата со пандемијата, бидејќи беше неизвесно дали и на кој начин ќе работат угостителските објекти поради рестриктивните мерки, па на студентите им беше овозможено „оброците“ да ги обезбедуваат и од какви било продавници или маркети.

Студентите го искористија укинувањето на ограничувањата околу користењето на средствата од државата, па признаваа дека со парите наменети за здрави оброци, плаќале сметки, купувале облека или пак други производи.

На почетокот на воведувањето на мерката, на виделина излегоа и проблемите на електронскиот систем „е-услуги“ на МОН, па студентите се жалеа дека апликациите неоправдано им биле отфрлани, а во еден момент, МОН „по грешка“ упати известување до стотици студенти дека субвенционираниот оброк им се укинува, за што студентите реагираа на социјалните мрежи.

Неколку денови подоцна, повеќе студенти добиле и опомени пред тужба од страна на Министерството за образование, со кои од нив се бараше да ги вратат парите што по грешка им биле исплатени за субвенциониран студентски оброк.

Иако средствата беа најавени дека на трансакциските сметки на студентите ќе легнуваат секој прв работен ден во месецот, исплатата неретко доцнеше, а најмногу задоцни последната, која студентите ја добија дури на 15-ти месецов.

Иако беше најавено дека со овие субвенции студентите треба да купуваат здрави оброци, растот на цените на производите изминатава година покажа дека, сепак, студентскиот оброк нема да може да ја исполни својата намена.

Со ова се согласува и Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, која во интервју за „Мета.мк“ рече дека износот на оваа финансиска помош е премногу мал.

„120 денари дневно за еден оброк во моменталните услови во кои што живееме се многу малку, особено ако институциите сакаат да нè поттикнат да купиме еден здрав оброк. Со оглед на тоа дека една салата е минимуим 250 до 300 денари, со 120 денари можеме да си купиме едно лиснато, кое според стандардите и не е толку здраво. Се надевам дека идните генерации ќе се борат за покачување на овој буџет“, изјави Цветковска.

Предлог за зголемување на износот на студентскиот оброк за 30 денари, односно на 150 денари дневно, пред неколку месеци имаше и во Собранието на Република Северна Македонија, кој на крај не помина меѓу пратениците.

„Мета.мк“ упати прашања и до Министерството за образование, за тоа дали од идната академска година може да се очекува зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк, како и дали ќе бидат воведени промени околу начинот на користење на овие средства.

Во краток одговор од МОН велат дека во моментов не се планираат промени на законот кој го регулира остварувањето на ова право, и додаваат дека, доколку во иднина бидат иницирани, јавноста ќе биде навремено известена.

Новиот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за претстојната академска година се очекува да биде објавен во текот на следниот месец. Студентите за оваа мерка аплицираат електронски, со прикачување на неколку документи.

Финансиската помош на студентите им се исплаќа во периодот од 15 септември до 30 јуни, а за оваа намена МОН на годишно ниво обезбеди околу 15 милиони евра.

[Интервју] Ева Цветковска: Студентскиот културен центар ќе нè обедини и ќе ни го врати чувството да се биде студент