Стрипот „Корто Малтезе“ прославува 53 годишница, а ликот Корто 113-ти роденден

Мурал со Корто Малтезе на ул. Славка Недиќ бр. 17 во Скопје. Фото: Мета.мк.

Љубителите на стрипот на 10 јуни ја прославија  годишницата од првото објавување на стрипот „Корто Малтезе“ на италијанскиот автор Хуго Прат во 1967 година.

Според приказните на Прат, венецијанец чие семејство потекнувало од разни земји, Корто бил роден на Малта на 10 јули 1887 година како син на корнволски морнар и андалузиска Pомка – гатачка и проститутка.

Во авантуристичкиот серијал (Corto Maltese) чие дејствие се одвива  на почетокот на XX век, покрај историската заднина, се испреплетуваат мотиви од најразлични митологии раскажани со посебен сензибилитет и во текстот и во цртежот, заради кој Корто Малтезе се смета за еден од класиците на европскиот стрип.

Првата епизода, „Балада за Соленото Море“ се одвива на Тихиот Океан, додека останатите опфаќаат патувања низ целата планета, од Кина и Сибир до САД, Италија и Етиопија.

Во одделни епизоди се појавуваат и низа историски ликови, од Џек Лондон до Григориј Распутин и Црвениот Барон, пристап кој подоцна беше имитиран и од други стрип-автори и филмаџии.

Стрип-албуми за Корто Малтезе од Хуго Прат. Фото: Стрип-книжарница „Бункер“, објавено со дозвола.

Една од најпознатите анегдоти за ликот на Корто е дека тој бил незадоволен од линијата на среќа на сопствената дланка, па за да ја подобри самиот се исекол со нож.

Комбинацијата на неконформизам и романтика кои провејуваат придонесоа Корто Малтезе на просторите на бивша Југославија да се здобие со култен статус. Покрај Алан Форд тој останува еден од најценетите дела на деветтата уметност во регионот.

Хуго Прат (1927-1995), чиј живот бил исполнет со патувања и авантури слични на оние на Корто, за своите 12 стрип албуми со авантурите на нескротливиот морнар има добиено низа светски награди.

Дел од овие авантури се пренесени и во форма на француски анимирани филмови, а во подготовка е и холивудски филм. со Том Хјуз и Мила Јововиќ.

Две децении по смртта на Прат, од 2015 г. стрип-авторите Рубен Пељехеро и Хуан Дијаз Каналез почнаа да сoздавааат продолженија на авантурите на Корто Малтезе, а до сега се објавени три албуми кои покрај западна Европа се издадени и во Хрватска и Србија.

Нови стрип-албуми со Корто Малтезе.
Дел од новите авантури на Корто Малтезе, „Екваторија“ и „Под полноќното сонце“, од Рубен Пељехеро и Хуан Дијаз Каналез. Фото: Стрип-книжарница „Бункер“, објавено со дозвола. Кликнете на сликите за поголема верзија.