Стрипот Дикан на „Политикин забавник“ објавен и на ромски јазик

Во последните два броја на познатиот „Политикин забавник“, кој излегува од 1939 година, вклучен е додаток со стрипот „Дикан“, за првпат на српски и ромски јазик

Фото: Мета.мк

Популарното српско списание „Политикин забавник“, кој годинава прославува 85 години од првиот број, објави стрип на ромски јазик.

Станува збор за стрип јунакот Дикан – „најмладиот Стар Словен“, на авторите Лазо Средановиќ и Никола Лекиќ. Во последните два броја на познатиот „Политикин забавник“, кој излегува од 1939 година, вклучен е додаток со стрипот „Дикан“ во две продолженија, за првпат на српски и на ромски јазик.

Денес, 8 Април, се одбележува Меѓународниот ден на Ромите, кога се слави ромската култура и се подига свеста за проблемите со кои се соочуваат Ромите. Денот бил прогласен во 1990 година во Сероцк, Полска, каде што се одржал четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија.

„Во соработка со Министерството за информации и телекомуникации, во овој и во следниот број како додаток објавуваме стрип за Дикан, Стариот Словен, на српски и ромски јазик“, најавува списанието на насловната страница од додатокот на својот 3.764-от број.

Дикан, инаку, често е споредуван со Астерикс, кој всушност му бил и инспирација на авторот Лекиќ при создавањето на ликот. Стрипот ги следи авантурите на двајца Стари Словени – Дикан и неговиот верен сопатник чичко Вукоје. Дејствието е сместено во времето пред Големата преселба на народите, во главно на Балканот. Хероите во стрипот, за време на нивните авантури, се среќаваат со племиња, народи, историски локации и личности, меѓу кои и царот Јустинијан.

Првиот број од стрипот за Дикан излегол во април 1969 година.

„Политикин Забавник“ пред 20 години за првпат објави стрип на ромски јазик. Тогаш стануваше збор за стрип-јунакот Тинтин на белгискиот автор Ерже, во епизодата „Црниот остров“ (Crno ostrvo).

Во февруари 2024 година „Политикин Забавник“ прослави 85-годишнина и со јубилејниот број објави додаток – целосен репринт на првиот број од 1939 година. Фото: Мета.мк

Покрај француското списание „Спиру“ (Spirou), „Забавник“ е еден од најстарите европски магазини во кои стрипот има доминантна улога. Уште од првиот број, објавен во Белград од група напредни, лево ориентирани интелектуалци во феврури 1939 година, една од клучните содржини ја сочинуваат стрипови, првенствено од продукцијата на Волт Дизни, како и други дела од американски и југословенски автори кои денес се сметаат за класици на медиумот, од Флаш Гордон и Фантом до Модести Блејз и Тинтин, како и новинските верзии на Хогар и Гарфилд.

Издавањето на „Забаник“ паузирало во 1941 година, во време на нацистичката окупација, а возобновено е 1952 година, кога се надминати тенденции за цензура на стрипот од одредени фактори во Комунистичката партија на Југославија кои стрипот го сметале за несакано западно влијание. Според легендата самиот југословенски претседател Јосип Броз Тито дал одобрение, изјавувајќи дека и тој, како многумина други, е љубител на Пајо Паторот.

Кон крајот на деведесеттите, во време на војните во бивша Југославија, Дизни ја прекина соработката со издавачката куќа „Политика“, која преку своите други изданија отворено го поддржуваше режимот на Слободан Милошевиќ. Во јубилејниот број редакцијата изјави дека се надеваат на поправање на односите со Дизни.