Стојанов: Проблем е да се чека ред во амбуланта, а не е проблем да се чека за на жичарница

Фото: Newzcities1, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Сојот омикрон многу брзо се шири во сите држави и тоа главно е проширен меѓу младите и тоа е добра причина да си останат на сила актуелните мерки, но и да се воведат нови, смета епидемиологот д-р Александар Стојанов. Секаде во земјите во регионот и во Европа расте бројот на новозаразени од ковид, ова е петтиот бран, а Стојанов е на став дека покрај ковид сертификатите, носењето маски, одржувањето дистанца и продолжениот распуст, треба и да се бара ПЦР тест на граници.

„Факт е дека се наоѓаме во петти бран, над 60 отсто од позитивните се заразени со Омикрон сојот. Дали брзо се шири како airborne вирус или полесно ги заобиколува одбранбените механизми на организмот, не е важно. Важно е дека е присутен“, вели д-р Стојанов.

Тој посочува дека иако заразените поминуваат со полесна клиничка, сè уште не е познато какви последици остава Омикрон додавајќи дека има и смртни случаи од овој сој на коронавирусот.

Стојанов потенцира дека и понатаму треба да носиме маски и да држиме растојание.

„Во рестораните и кафулињата никогаш не беше вон сила мерката за држење дистанца, но сепак гледаме дека има непочитување. Мерките се тие, точно е дека не сакаме да ги применуваме бидејќи ни здосадија на сите, но мора да се почитуваат“, вели Стојанов.

Тој посочува дека со овој вирус најмногу се заразуваат младите, а тоа е така бидејќи тие најмногу се дружат.

„Сега им е поблем што чекаат пред ковид амбуланти, а кога чекаат за жичара да се качат, не е проблем“, вели Стојанов додавајќи дека немаме доволно медициснки кадар за да може да бидат веднаш сите опслужени.

„Мора да сфатат луѓето дека мора да се внимава“, додава докторот.

Инаку Комисијата за заштита од заразни болести е советодавно тело на министерот, па сега бидејќи има нов министер, тој може да си направи своја комисија, смета Стојанов.

„Во оснос на ковид сертификатите, факлсикувањето е голем проблем, кај нас полицијата треба да го работи само тоа. Кај нас проверката на мерките е проблемот. Насекаде каде што се собираат луѓе, ноќни клубови, кафеани, треба да се прават проверки како што треба. А не еднаш месечно да пројдат инспектори и толку“, апелира епидемиологот.