fbpx

Стоев по средбата со Вархеји и Силва: Нема промена на позицијата на Бугарија во однос на Северна Македонија

-

Нема промена во позицијата на Бугарија во однос на Република Северна Македонија, порача министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Светлан Стоев, по средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугушто Сантош Силва, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, утрово во Софија, јави бугарски БГНЕС.

„Бугарија продолжува со принципиелноста во поддршката на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, при почитување на критериумот за индивидуалните постигања на секоја земја и запазување на фундаменталните вредности на унијата како добрососедство“, порачал Стоев.

Тој додал дека Бугарија е отворена за одговорен, отворен и квалитетен дијалог со Република Северна Македонија.

„Очекуваме од нашите најблиски соседи во регионот да работиме во духот на искреност и конструктивност. Сакам да потцртам дека во однос на оваа тема има општа согласност и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на Северна Македонија“, порачал Стоев, нагласувајќи дека е подготвен да се сретне со својот македонски колега Бујар Османи за да разгледаат иницијативи коишто би можеле да бидат реализирани од техничката влада.

„За нас од клучна важност е и поддршката на добрососедските односи и добивањето на неопходните гаранции за спроведување на Договорот од 2017. Продолжуваме да вложуваме напори за враќање на довербата во односите со Република Северна Македонија. Нашата цел е со конкретни чекори да го возобновиме дијалогот со Скопје, вклучително на највисоко ниво, што ќе даде основа за идната стандардна влада да ги врати односите на ниво коешто би требало да сврзува две толку блиски држави“, посочи Стоев.

Португалскиот министер за надворешни работи Аугушто Сантош Силва, пак нагласил дека процесот на проширување на ЕУ е еден од приоритетите на Португалија, велејќи оти се потпира на поддршката на Европската Комисија, со која Лисабон тесно соработува, извести БГНЕС.

Тој нагласи дека станува збор за два процеса во однос на проширувањето: Започнување на меѓувладините конференции со Србија и Црна Гора и одобрување на преговарачката рамка со РСМ и Албанија.

„И за двата процеса беше многу важно да ги слушнеме бугарските предлози, иницијативи и грижи. Ние го правиме тоа преку соодветните дипломатски и политички канали и веќе многу работи се завршени. Затоа сега беше време да направиме директни политички консултации со Бугарија и тие ќе бидат од огромно значење за долготрајниот процес и многу важни за португалското претседателство“, рече Силва.

Еврокомесарот Оливер Вархеји во Софија исто така порача дека е многу важно да се чујат и земјите-членки во однос на темата за проширувањето, нарекувајќи ја Бугарија клучен фактор во тој процес на Балканот.

„Бугарија е водечката земја-членка што се однесува до разивањето на нашата политика за Западен Балкан. Затоа секогаш треба да дојдеме тука за да добиеме идеи и да направиме консултации“, порача Вархеји.

Со Вархеји во Софија се сретнал и поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. На средбата Борисов порачал дека Европа мора да продолжи да работи активно на темата европска интеграција на Република Северна Македонија и Албанија, имајќи ги предвид позициите на секоја земја.

Поранешниот бугарски премиер посочил дека Бугарија имала клучна улога во враќањето на европската интеграција на Западен Балкан во агендата на Унијата, нагласувајќи дека тоа е гаранција за мир и просперитет на регионот.

БГНЕС, пак, повикувајќи се на свои извори тврди дека предлозите на португалското председателство за прифаќање на преговарачка рамка со Северна Македонија се, како што пишува, апсолутно неприфатливи за Бугарија зошто го враќале разговорот една година назад, биле во спротивност со бугарската позиција пресликана во решенијата на сите бугарски власти и поддржана едногласно од сите бугарски политички партии, пренесе „Радио Слободна Европа“.

Предлозите, според БГНЕС, во пракса значат тргнување на секакви гаранции за исполнување на можните договорени работи кои се основен проблем во односите на Република Северна Македонија со Бугарија и Европската унија како целина. Агенцијата тврди дека го има документот и објавува дел кој наведува дека е од него.

„Документот во пракса ги префрлува бугарските предлози во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација кој е процес во кој нема никакви оперативни решенија. За разлика од процесот на пристапните преговори во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација на Бугарија ѝ се одзема можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполнува обврските. Од документот станува јасно дека властите во Скопје треба да направат патоказ чие исполнување треба да се следи во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, но тоа има само козметички и неоперативен карактер“, пишува агенцијата.

Во предлогот на португалското претседателство, наведува понатаму агенцијата, се предвидува да има еднострани декларации на Бугарија и РСМ, а се предлага „РСМ да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, но тоа, како што пишуваат е одамна признат факт од властите во Скопје. Понатаму, се предлага двете држави да разменат декларации за краткото и долгото име на РСМ а како апсолутен преседан агенцијата го оценува тоа што во предлогот се зборува за црвените линии на РСМ. Според пишувањете на бугарскиот медиуми, овој документ всушност е повторување на веќе предложеното решение од германското претседателство со Европската унија при крајот на минатата година, пренесе „Радио Слободна Европа“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...