Фото: Министерство за здравство

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава е 379 и има околу 614 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство, според податоците во последните 24 часа.

„Поради намалениот број на пациенти, од денес се затвораат сите ковид центри на Интерните клиники и во комплексот „Мајка Тереза“. Ковид позитивни пациенти ќе примаат само Институтот за ТБЦ и Клиниката за Инфективни болести“, информираат од ова министерство.

Во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 237 пациенти. Во  Битола 26, во Штип 28, на инфективното одделение во Тетово има 4, во Велес се лекуваат 24 болни, а во Куманово 43. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 29 пациенти, во Прилеп 16, во Гостивар 7, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица има 14, во Кочани 7, во Кичево 9, во Кавадарци 7, а во Гевгелија 3 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во последното деноноќие во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 8 нови пациенти, а вкупно 142 лица се лекуваат на инфективните одделенија. На Интерните клиники имало 2 приема, во ГОБ „8 Септември“ исто така 2, а 4 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 22 оздравени пациенти.

На Интерните клиники се лекуваат 25 лица, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 49 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 67 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во изминативе денови се намалува бројот на приеми и утрово до 8 часот имало 150 слободни места.