Министерката за култура Ирена Стефоска. Фото: Министерство за култура

Пари за здравството за да може непречено да функционира, па потоа за другите области. Со државниот Буџет за 2021 година е скратено од буџетите на сите министерства, за да има доволно средства за здравството. Ова е одговорот на министерката за култура Ирена Стефоска, на новинарско прашање колку е скратено од буџетот за култура.

„Буџетот за следната година е горе-долу во истите цифри како и минатата година. Успеавме да имаме приближно ист буџет. Скратени се средствата, бидејќи се кратеа во сите области и се пренасочуваат во здравство. Ние мораме првин да преживееме за после да можеме да работиме. Но, во тоа преживување, животот не смее да застане, така што и културата не смее да застане“, изјави министерката Стефоска во Штип.

Според неа, намалувањето на средствата за култура може да се случи од пренесените обврски од оваа година, но буџетот е така проектиран за да не застане културата.

Министерката за култура, која денеска присуствуваше на изложбата со резултатите од археолшките истражување на Заводот и музеј – Штип за периодот 2017 – 2018 година, рече дека проектите аплицирани од новата програма за култура се планирани да се спроведат во ковид услови. Резултатите од конкурсот, кој заврши пред неколку дена, а за кој имаше голем интерес, се очекуваат во јануари 2021 година.

Оценката на министерката за култура е дека работата на културните институции се одвива отежнато во ковид услови, со состојба која се менува од ден на ден. Засега културните институции остануваат да работат, со почитување на важечките здравствени протоколи.