Фото: Министерство за здравство

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во координација со Министерството за здравство, минатата недела спроведоа акција за пријавување на новинари и медиумски работници за вакцинација против ковид-19.

На повикот одговориле новинари и медиумски работници од вкупно 110 традиционални и онлајн медиуми од целата држава. Се пријавиле вкупно 758 лица од кои 631 ги исполнувале условите за првата фаза, според возрасна граница и хронична болест, односно активни новинари и медиумски работници. Овие лица ќе бидат контактирани од претставници на здравствените власти и ќе бидат известени за точен термин за вакцинација, што ќе започне од понеделник, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, информираат во заедничкото соопштение, ССНМ и ЗНМ.

Додаваат дека, останатите 127 пријавени лица, биле помлади од 40 години или дел од административните служби во медиумите. Тие ќе бидат земени предвид во вториот круг на имунизација, кој треба да се реализира по пристигнувањето на следната пратка на вакцини.