Лого на ССНМ / Фото: Веб сајт на синдикатот

Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници реагираше по поплаките на нивните членови откако тие информираа за начинот на кој била организирана прес-конференцијата на министерот за образование и наука Арбер Адеми која се одржа во зградата во која што е сместено министерството.

„Прес-конференцијата се одржа во просторија за состаноци на осмиот кат, во затворен простор каде присуствуваа повеќе од 20-тина новинари, сниматели и фоторепортери. Според поплаките ниту една здравствена мерка од организаторот не била испочитувана, од овозможување дистанца помеѓу присутните, отворени прозорци до средства за дезинфекција. Бараме од носителите на власта да покажат чувство на одговорност, институциите да овозможат услови за безбедно информирање во време на пандемија и да не ги доведуваат во опасност медиумските работници“, велат од ССНМ.

Тие апелираат до колегите, без оглед на претпоставениот јавен интерес, во иднина да ги напуштат прес-конференциите и сличните настани, ако проценат дека не се испочитувани здравствените протоколи, а по укажувањето организаторот не ги обезбеди потребните услови за заштита на здравјето.