fbpx

Средношколците што бојкотираат ќе мораат да одработуваат?

-

Средношколците од повеќе средни училишта веќе неколку дена ја бојкотираат наставата, а секојдневно, и покрај притисоците, на бојкотот се приклучуваат сè повеќе училишта. Како дел од пристисоците што им се прават на средношколците се и најавите од некои директори дека изгубените часови ќе мора да ги одработат преку викенд или дека ќе им ја продолжат училишната година.

Во Битола, втор ден по бојкотот на наставата на средношколците членови на „Средношколски пленум“, директорот на Средното техничко училиште, Драган Стојановиќ, вели дека бидејќи бојкотот не е најавен писмено и нема оправдување за него, учениците ќе мора да ја надоместат пропуштената настава, па макар и во сабота.

– Ова отсуство од часови на учениците е самоиницијативно, ние за тоа немаме накаков писмен доказ. Тие бојкотот го најавија само во медиумите и оттаму сметаме дека во сабота или, пак, друг ден тие ќе мора да ги надоместат изгубените часови, бидејќи тоа е обврска што мора да се исполни со годишната програма – вели Стојановиќ.

Според него, се чека одлуката на Министерството за образование за тоа како ќе се постапува.

Меѓутоа, средношколците, кои веќе два дена ја бојкотираат наставата, возвраќаат со контрапрашање: Како ќе нè натераат да одиме во сабота на настава кога во делник не можат да нè внесат во училниците?
– Бојкотот станува сè помасовен и секој ден се приклучуваат ученици од сите средни училишта – вели Александар Јосифовски, ученик од прва година во Техничкото училиште во Битола.

Во Скопје средношколците не добиле ваква најава од директорите, но велат дека и да се донесе ваква одлука, тие би ја прифатиле.

– Доколку се јави потреба, самите средношколци би прифатиле да се одработат изгубените часови бидејќи образованието ни е многу важно. Ние не ја бојкотираме наставата само за да немаме часови, туку се бориме за подобро образование – вели Моника Пешевска од гимназијата „Раде Јовчевски-Кочагин“.

Таа вели дека инспекциите што ги имале минатата недела, по празниците веќе ги нема и дека речиси сите средни училишта во Скопје се приклучени на бојкотот.

Во Охрид, директорката на Средното стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“, Славица Костоска, вели дека календарски се обврзани да го исполнат фондот на часови предвидени за оваа учебна година.

– Средношколците од трета и од четврта година се одлучија за бојкот, но тие посетуваат по некој час и разговараме со нив. За казни не може да се зборува. Календарски, ние сме обврзани да го исполниме фондот на часови предвидени за оваа учебна година. Тоа значи дека изгубените часови мора дополнително да се одработат, дали за време на викендите или, пак, со продолжување на училишната година – напоменува директорката Костоска.

Директорот на гимназијата „Свети Климент Охридски“, Ѕвонко Трпески, тврди дека на учениците не се вршат никакви притисоци, а за евентуални реперкусии се повикува на Законот за средно образование, Министерството за образование и наука и на Државниот просветен инспекторат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...