Специјалниот претставник на Обединетото Кралство во дводневна посета на земјава

Фото: Амбасада на Обединетото Кралство во Скопје

Сер Стјуарт Пич, Специјалниот претставник на Обединетото Кралство денеска и утре ќе дојде во посета на Северна Македонија за да се сретне со високи државни функционери, по што ќе ја посети и Бугарија, како дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот на Западниот Балкан, информираат од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

За време на посетата на Северна Македонија, Сер Стјуарт ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, членовите на опозицијата и младите со кои ќе разговара за начините на идното продлабочување на веќе воспоставените силни билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, при што ќе ја повтори силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на Западен Балкан и ќе ја потврди посветеноста на Обединетото Кралство на зајакнувањето на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето со криминалот и корупцијата, се нагласува во соопштението од амбасадата на Обединетото Кралство во земјава.

„Сер Стјуарт Пич има долгогодишно искуство во регионот, како поранешен началник на Генералштабот на Обединетото Кралство и претседател на Воениот комитет на НАТО, како и од периодот кога служел како Командант на воздухопловните сили на КФОР (НАТО) во Косово. За Специјален претставник на премиерот за Западен Балкан беше назначен во декември 2021 година, што значи дека ова е негова прва официјална посета на Северна Македонија во оваа улога“, информираат од британската амбасада во Скопје.

Како Специјален претставник на премиерот, Сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, и другите претставници од регионот и сојузниците од САД и Европа во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговата работа, исто така, ќе вклучи промовирање на силни демократски институции и отворени општества, преку поддршка во справувањето со сериозниот и организиран криминал и другите заеднички безбедносни предизвици.

„Ова е дел од мисијата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство за создавање на глобална мрежа на слобода заснована на подлабоки економски, технолошки, безбедносни и развојни врски. Како слободољубиви демократии, Обединетото Кралство ќе им помогне на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан да го одбранат и унапредат мирот, стабилноста и просперитетот во регионот“, се наведува во соопштението на Амбасадата на Обединетото Кралство.