Social Day: Младите работеа и за еден ден собраа фонд од 245.000 денари

Преку соработката на младите и компаниите, годинава бил генериран младински фонд од 245.000 денари и истиот во наредните месеци ќе се користи за спроведување на младински проекти

фото: Здружение на граѓани „Младите можат“

По трет пат во земјава, Здружението на граѓани „Младите можат“, на 8 ноември одржа „Соушл деј“ („Social Day“), ден кога средношколците стекнуваат искуство за работа и се ангажираат во заедницата за да им овозможат на своите врсници подобра положба во државата.

Дел од „Соушл деј“ годинава беа 195 средношколци во градовите Скопје, Битола, Охрид и Радовиш, како и 60 општествено одговорни компании, кои обезбедија работни позиции за учениците, а со тоа донираа и знаење и финансиски средства за нивно добро.

Преку соработката на младите и возрасните, годинава бил генериран младински фонд од 245.000 денари и истиот во наредните месеци ќе се користи за спроведување на младински проекти.

„Импресиите по завршување на работниот ден се позитивни, дел од средношколците си ја потврдија желбата кон одредена професија, дел од нив разбраа дека сакаат нешто друго да работат. Но, најважното од сè, секој од нив се стекна со ново искуство и доби можност да истражува и спознава нови работи“, велат од „Младите можат“.

Од здружението додаваат дека нивната мисија е да ги подготват младите за лична позитивна трансформација и да придонесат кон општество во кое младите се двигатели на промена за слободно и одговорно инклузивно општество.

„Преку Social Day сакаме да видиме ангажирани заедници, соработка помеѓу државните институции, граѓанските организации и бизнис секторот, поддршка од родителите, врсниците, наставниците, младинските работници и кариерните советници, кои креираат овозможувачки и поддржувачки средини за младите. Веруваме во млади коишто размислуваат глобално, но делуваат локално, млади кои имаат развиено чувство за солидарност, млади кои го инвестираат своето време за подобрување на состојбите во својата заедница, млади кои веруваат во одржлив свет“, рече Анита Николовска, извршна директорка на „Младите можат“.

Во наредниот период се очекува реализација на проект којшто ќе го изберат и имплементираат младите, а кој ќе ве влијае на подобрување на квалитетот на нивниот живот.