СОНК најави штрајк на наставниците ако не им се плати прекувремената работа, МОН вели парите се префрлени кај општините

Фото: http://sonk.org.mk/

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска предупреди дека ќе организира штрајк ако Министерството за образование, општините и училиштата не им платат на наставниците за прекувремена работа. Од Министерството, пак, одговорија дека тие редовно на општините им префрлаат пари, па така, исплатата треба да ја извршат општините и самите училишта.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков предупреи дека ако не се исплати прекувремената работа, учениците може да не ја завршат учебната година, односно да не добијат свидетелства.

„За време на пандемијата наставниците работеа повеќе односно бројот на часови за настава им беше зголемен бидејќи децата беа поделени во две групи. За жал, власта и институциите не го препознаа зголемениот обем на работа на наставниците и не исплатија додатоци. Од Министерството за образование велат дека имаат префрлено средства за оваа намена на општините, но според нашите информации од терен, од таму велат дека нема пари. Впрочем, нас не нè интересира дали има пари или не, важно ни е да се почитуваат законите“, изјави Неделков.

Веднаш по ваквата најава на СОНК, со соопштение се јавија од Министерството за образование и наука (МОН), кои апелираа до општините и училиштата да ги исплатат прекувремените часови работа на наставниците, посочувајќи дека МОН редовно и навремено ги уплаќа блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата.

„Министерството за образование и наука апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците“, се наведува во соопштението на МОН.

Од Министерството тврдат дека уште во месец октомври испратиле писмо до сите училишта со кое ги потсетиле на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства.

МОН и претходно во повеќе наврати апелираше до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот. Исто така, МОН одговорило, појаснило и дало детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обратила за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата.