Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по службена должност, извршила вонреден програмски надзор врз емисијата „Само вистина“, емитувана на 28 февруари 2018 година на ТВ „Канал 5“, при што утврдила дека во емисијата се изнесени „стереотипи и предрасуди врз основа на пол“, поврзани со жените и нивниот брачен статус.

Во емисијата учествувала Солза Грчева, претседателка на партијата „Глас за Македонија“ која, според ААВМУ, употребила „стереотипи и предрасуди врз основа на пол“.

„СДСМ личи на една уседелица, на една стара девојка, која што никој не сакаше да се омажи со неа, па ја омажија странците проводаџии на сила. ДУИ стално го исчистувате, еве сега не ви смета Талат, порано ви сметаше. Ми личи на една девојка која што нон-стоп си дозволува да изгуби невиност, ќе оди ќе ја поткрпат на гинекологија и е исчистена од сите гревови. Оди се премажува со друг. ВМРО ми личи на една разведена распуштеница, очајна, депримирана, која што веќе ни децата свои не ги гледа, чекајќи кој ќе сака да ја омажи“, рекла Грчева.

За ААВМУ Грчева „на стереотипен начин ги претставува половите и родовите улоги“.

Од Агенцијата сметаат дека новинарката требало да се огради од таквиот говор на Грчева.

„Новинарката ваквиот дискурс не го препозна како стереотипизација на која би требало да укаже или пак да се дистанцира од неа, односно гледачите не слушнаа и спротивставен став што е основа за „еднаквост на слободите и правата независно од полот“, посочуваат од ААВМУ.