Собранието го усвои Законот за енергетска ефикасност, власта и опозицијата се скараа кој помалку сработел во областа

-

Собранието на денешната 131 седница со 55 гласови „за“ го усвои Законот за енергетска ефикасност. Пратениците од власта и од опозицијата се испокараа околу тоа која власт подолго го одолговлекувала донесувањето на ваквото законско решение, со кое Македонија како една од последните земји во Европа добива посебен закон што ја регулира енергетската ефикасност.

Пратеникот Зоран Илиоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека ваков закон требало да биде донесен до 31 декември 2017 година и упати критика дека државата доцни со усогласувањето на нашето законодавство со европските директиви во делот на енергетската ефикасност. Тој посочи дека во предложеното законско решение се посочува дека национален Фонд за енергетска ефикасност може да биде формиран, но никаде не стои дека тој ќе мора да биде основан. Илиоски нагласи дека функционирањето на ваквиот фонд ќе биде клучно за реализација на мерките за енергетска ефикасност во земјава.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ укажаа дека во законот е ставен акцент на енергетската ефикасност единствено на објектите, без притоа да се направи нивна категоризација. Опозицијата посочи дека пошироката експертска јавност не била доволно вклучена со свои сугестии во изработувањето на самото законско решение.

– Имам чувство дека се брза овој закон да се донесе – изјави пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија СДСМ посочија дека токму претходната влада во 2014 година направила одложување на примената на издавањето сертификати за енергетска ефикасност за новите објекти, со што се оневозможила работата на енергетските контролори. Пратеникот Диме Велковски од СДСМ посочи дека закон за енергетска ефикасност требало да биде усвоен уште во 2014 година. Тој нагласи дека со усвојување на законот ќе се овозможат и инвестиции во висина од 25 милиони евра во Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор.

Пратеникот Велковски дополни дека законот е со европско знаменце и значи усогласување на европските директиви за енергетска ефикасност со нашето законодавство.

– Ако сакаме да одиме во Европа, ова се наши обврски – истакна пратеникот Диме Велковски од СДСМ.

„Мета.мк“ во изминатиов период пишуваше дека донесувањето на Законот за енергетска ефикасност е клучен предуслов за сериозни реформи во оваа област што треба да следуваат во наредниот период. Следен чекор треба да биде направен е донесувањето на подзаконските акти – Правилниците за енергетски контроли кај згради и големи трговци и Правилникот за енергетски карактеристики за згради.

Од Министерството за економија за „Мета.мк“ пред еден месец нагласија дека двата правилника треба да бидат донесени во рок од шест месеци од влегувањето во сила на новиот закон. Ако се следи доследно ваквиот рок, тогаш подзаконските акти би можеле да се средат до претстојното лето.

Петар Николовски, доктор по технички науки од областа на енергетската ефикасност, за „Мета.мк“ веќе изјави дека предуслов за формирање на национален Фонд за енергетска ефикасност е државата да го усвои Законот за енергетска ефикасност и да ги среди подзаконските акти.

Според актуелната динамика за работа, први објекти што ќе бидат подложни за енергетска реконструкција ќе бидат зградите на државните институции, здравствените објекти и општинските установи. Преку кредит од Светска банка, државата веќе обезбеди 25 милиони евра за енергетска обнова на околу 100 згради на локално и централно ниво во наредните пет години. Дополнителни средства ќе мора да се изнајдат во претстојниот период, ако се земе во предвид фактот дека Светската банка пресметала дека Македонија има вкупно 2.441 јавен објект под ингеренции на државата и локалните самоуправи.

Скопската Зоолошка градина од денеска е повторно отворена

Зоолошката градина во Скопје од денеска е повторно отворена за посетители, откако пред три недели Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврди случај на птичји грип кај угината гуска...