fbpx

Без усвојување на Законот, нема да може да се средат правилниците за енергетска ефикасност

-

Власта и опозицијата во македонското собрание се договорија за усвојување на околу 40 – тина закони од 123 – тата седница, но предлог – Законот за енергетска ефикасност го оставија за разгледување и усвојување за продолжението на оваа седница по Нова Година. Овој закон пред пратениците е на прво читање, но и со „европско знаменце“, што укажува на важноста од неговото донесување.

Од Министерството за економија за „Мета.мк“ информираат сите подзаконски акти од областа на енергетската ефикасност треба да бидат донесени во рок од 90 дена до 1 година од денот на влегувањето во сила на Законот за енергетска ефикасност. Меѓу нив, најзначајни се Правилниците за енергетски контроли кај згради и големи трговци како и Правилникот за енергетски карактеристики на згради, кои треба да бидат донесени не подоцна од 6 месеци од влегувањето во сила на новиот закон.

Актуелните правилници во моментов ја „мерат“ потрошувачката на енергија единствено за енергијата за греење и надомест на енергија за инфилтрација на воздух и природна вентилација во просториите, но не и за потрошената енергија за ладење, вентилација, топла вода и електрика, како што е случај во развиените европски земји.

Петар Николовски, доктор по технички науки од областа на енергетската ефикасност, посочува дека нашите правилници не се строги, а во моментот кога се работени тие единствено ги обработиле станбените згради, иако има уште седум – осум типа на други објекти.

– Не може станбената зграда да ја изедначиме со училиште кое осум часа работи, не работи за време на распусти и во саботи и недели. Училиштето пак не можеме да го изедначиме со болница, која работи целодневно и во зима и во лето, а неопходно е цело тоа време да се загрева или лади – посочува експертот Николовски.

Тој додава дека покрај потребата од усвојување на новите правилници, мора да се донесат и седум – осум пратечки документи, кои треба да ги надополнат актуелните правилници, со што ќе им се олесни работењето на енергетските контролори кај објектите.

Од Министерството за економија нагласуваат дека информацискиот систем, според постоечкиот правилник, меѓу другото, содржи и климатолошки податоци потребни за пресметување на енергетските карактеристики на зградите. Во постоечкиот Правилник за информациски систем за следење и управување со потрошувачката на енергија кај лицата од јавниот сектор е уредена постапката и начин на прибирање и верификација на податоците од климатолошкиот администратор.

– Агенцијата за енергетика е надлежна за воспоставување на овој систем. Со оглед на тоа што во моментот овој систем не е целосно заживеан, по донесување на Законот за енергетска ефикасност и новиот Правилник за информациски систем ќе се работи на негово доуредување и целосна имплементација – велат од Министерството за економија.

Експертите посочуваат дека националното собрание треба час поскоро да го усвои Законот за енергетска ефикасност, бидејќи со него е сврзана и изработката на неопходните подзаконски акти. Доколку овој парламентарен состав не успее да го усвои законот, тогаш по автоматизам ќе има одложување и кај изготвувањето на новите правилници. Без средување на целокупната регулатива, Македонија нема да може ниту да го основа националниот Фонд за енергетска ефикасност, преку кој во иднина треба значително да се интензивираат инвестициите во енергетски санации на зградите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...