фото: Мета.мк

По три дена расправа во Собранието за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на Европа, пратениците денеска ги изгласаа заклучоците поднесени од страна на СДСМ и ДУИ.

За предложените заклучоци гласаа 68 пратеници, додека „против“ и „воздржани“ немаше.

Непосредно пред гласањето за предлог-заклучоците, пратениците од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, како и оние од Левица, ја напуштија собраниската седница, откако претходно собранискиот спикер Талат Џафери го одби барањето за еден час пауза на Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

фото: принтскрин од преносот на 81. седница на Собранието на Република Северна Македонија

Ова значи дека Собранието на Република Северна Македонија даде „зелено светло“ за францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ.

Исходот од гласањето беше проследен со аплауз од присутните пратеници, а развиорени беа и државното македонско знаме, заедно со она на ЕУ. Седницата во Собранието денеска ја следеше и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Денешната собраниска атмосфера беше релативно помирна во споредба со тензиите кои ја обземаа собраниската сала изминатите два дена, но и овојпат не изостанаа обвинувањата, навредите, како и свирежите од страна на опозициските пратеници кога на говорницата ќе застанеше пратеник од владејачката СДСМ.

фото: Мета.мк

ВМРО-ДПМНЕ и Левица и денес побараа отфрлање на предлогот, бидејќи, според нив, со него се врши бугаризација и предавство на националните интереси, додека пратениците на СДСМ тврдеа дека македонскиот јазик, идентитетот и културата се заштитени.

Францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија и за отворање на преговорите за евроинтеграции, во земајва пристигна на 30 јуни, по што премиерот Димитар Ковачевски најави опсежен процес на консултации со владината коалиција, претседателот на државата, Собранието, опозицијата и граѓанскиот сектор.

Собраниската седница како трибина на фудбалски натпревар, дебатата е оневозможена

Напишете коментар