fbpx

Собраниската седница како трибина на фудбалски натпревар, дебатата е оневозможена

-

Продолжението на 81 седница на Собранието на која треба да се расправа за Информацијата на Владата за Европскиот предлог за почеток на преговорите за членство во ЕУ, најмалку наликува на плодна дебата меѓу пратениците. Всушност, денеска собраниската сала изгледа и звучи исто како трибина на фудбалски натпревар. Пратениците од опозиција не дозволуваат никој друг да зборува непречено освен тие самите. Кога тие се обраќаат, се користат со закани и навреди кои се ретко видени во македонското Собрание.

Истовремено, иако беше најавен протест пред зградата на Собранието за време на седницата, таму има исклучително мал број на граѓани. Улицата пред Собранието е блокирана, но е празна.

Внатре во салата, можноста за дијалог е узурпирана и најголемиот дел од пратениците од владејачкото мнозинство можат да дојдат до збор само ако ги надвикаат вувузелите.

Единствено додека зборува Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој не е дел од опозицијата, не се слуша галамата која ја ствараат ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Тој е под притисок од ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти владата.

Сепак, Трајанов рече дека има изготвено негов предлог заклучоци, од кои дел се поклопуваат со предлог заклучоците на владејачката СДСМ, а дел со барањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициските пратеници му одговорија дека треба да ја напушти владата, на што тој возврати дека треба да се движиме кон ЕУ, граѓаните ќе оценат за неговите предлог-заклучоци дали се добри или не и дека не е време за рушење на Владата во овие клучни моменти.

Како што додаде тој по неколку контрареплики, ако не се прифати неговиот предлог да се дополнат заклучоците со препорака Македонците да бидат признаени во Бугарија, согласно одлуките на Судот за човекови права, тогаш тој нема да гласа за менување на Уставот со цел Бугарите да влезат во него.

И по дадената пауза до 16 часот продолжија репликите меѓу Павле Трајанов и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои инсистираа тој да ја напушти Владата.

Од собраниската говорница претходно се обрати и пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ која пратениците од опозицијата ги нарече ксенофоби и криминалци.

„Можете да викате и да се заканувате колку сакате, ние ќе продолжиме по европскиот пат кон ЕУ при тоа, зачувувајќи го македонски јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет“, рече Шкријељ.

Таа додаде дека преговори за влез во ЕУ како Македонци со чист македонски јазик не е асимилација, туку асимилација е да им ја одземете иднината на илјадници млади да бидат принудени да вадат пасоши од други држави на ЕУ за да можат да ги користат придобивките од Унијата.

„Лично претседателката на Европската комисија од оваа говорница потврди дека имаме почеток на преговори веднаш, чист македонски јазик и билатерални прашања надвор од преговорите“, додаде Шкријељ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов во одоговор на Шкриељ порача дека, според него, со прифаќање на овој предлог власта ја носи државата во слепа улица и Македонија нема никогаш да стане дел од ЕУ.

Тој ја праша пратеничката дали таа би прифатила дека босанскиот јазик е дијалект на српскиот и веднаш одговори дека тој не би прифатил дека македонскиот јазик е дијалект и норма на бугарскиот.

„Разберете едно, Македонците си ја сакаат Македонија најмногу од сè и повеќе од сè“, рече Трајанов.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, исто така побара од Павле Трајанов да ја напушти владината коалиција и да ја турнат Владата заедно со другите помали партии кои се во власта.

На владејачките партии СДСМ и ДУИ, како и на премиерот Димитар Ковачевски тој им порача дека нивните потомци ќе се срамеле од нив и ќе ги менувале презимињата за да немаат ништо заедничко со предавници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...