Собрани 1.223 приказни на граѓаните за климатските промени во земјава, најмногу поплаки од поплавите

Фото: Hermann Traub from Pixabay

Портфолиото за животна средина на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава иницираше студија за да собере прашања и искуства од прва рака од луѓето во однос на тоа како тие се справуваат со ефектите од климатските промени, при што преку онлајн прашалник биле собрани 1.223 приказни во период од еден месец на национално ниво.

Методологијата на истражување на микро-наративи ги поттикнала луѓето самите да ги раскажат своите приказни во врска со климатските промени, коишто пак со употреба на софтвер подоцна биле мапирани по тема, возраст, пол, локација и други индикатори. Резултатите покажале дека речиси половина од луѓето (48 отсто) се пожалиле оти вонредните ситуации биле предизвикани од дождови, односно од поплави.

Притоа, огромното мнозинство настани што биле споделени од приказните на луѓето се поврзани со управувањето со катастрофи (75 отсто), земјоделски активности (7,6 отсто) и здравје (5,2 отсто).

Посебно внимание во студијата е посветено на родовата димензија, односно на прашања на кои тимовите на УНДП работат на поддршка на вклучувањето на родовите аспекти во стратегиските политики за климатските промени: Националната стратегија за климатска акција која се развива од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и новата Стратегија за родова еднаквост, која за прв пат иницира специфична стратешка цел за родова еднаквост и климатски промени.

Во студијата 53 отсто од приказните раскажани од луѓето се од жени, при што речиси половина од нив се на возраст од 30 до 49 години (42 отсто), кои живеат во урбана средина (65 отсто), се во брак или живеат заедно со партнери (70 отсто), речиси половина имаат високо или стручно образование (43 отсто). 14 отсто од ранливите групи се испитаници со ниски приходи кои живеат во пошироко семејство. До 20 отсто од испитаниците поседуваат куќа, земја и автомобил, а околу 15 отсто не поседуваат ниту една од нив.

Притоа, најзначајната родова разлика е забележана во однос на здравјето – 75 отсто од искуствата од настаните предизвикани од климата поврзани со здравјето ги споделиле жените. Клучните наоди од ова истражување укажуваат дека недостатокот на можности е главна бариера во справувањето со ситуациите поврзани со климатските промени и за мажите и за жените.

Раскажаните приказни покажуваат дека пријателите/семејството/соседите се најчесто пријавуваната група луѓе кои им помогнале на испитаниците да се справат со ситуации поврзани со климатските промени. Во однос на социјалните медиуми, жените нив ги споменале маргинално повеќе отколку мажите (9 отсто наспроти 6 отсто).

Притоа, жените пријавиле повисока стапка на заедничко одлучување од мажите (31 отсто наспроти 23 отсто), додека мажите самите покажале повисока стапка на управување со буџетот, во споредба со жените (47 отсто наспроти 29 отсто).

„Пристапот до личните приказни на луѓето не само што придонесе најдобро да се претстават предизвиците со кои се соочуваат жените и мажите во однос на негативното влијание на климатските промени, туку го подигна и обликувањето на македонските родови и климатски политики на сосема ново ниво“, вели Елена Грозданова, државен Советник во Министерството за труд и социјална политика и UNFCCC контакт лице за родова еднаквост и климатските промени.

Инаку, студијата е изработена од УНДП Македонија во соработка со Глобалната програма за поддршка на UNDP и со тимот за иновации на УНДП Грузија, Cognitive Edge и Data Atelier.