Со задоцнување од три месеци, Владата планира да го усвои Законот за климатска акција во март

Изгорени шуми, последиците од шумските пожари во земјава; Фото: Мета.мк

Наместо до крајот на минатата година, усвојувањето на Законот за климатска акција, планирано е да влезе во владина постапка при крајот на првиот квартал од годинава, односно во текот на март, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од Министерството објаснуваат дека доцнењето од три месеци е поради усогласувањето и адаптирањето на решенијата на национално ниво со новата ЕУ регулатива. Воедно, пред да се најде на владина седница, во овој квартал ќе бидат спроведени јавни консултации за предложениот Закон за климатска акција, согласно законските обврски и потребата од транспарентност на процесот.

Од Министерството за животна средина велат дека штом помине на владина седница, овој закон веднаш ќе биде доставен до Собранието на РСМ.

„Димамиката на конечното донесување на Законот за климатска акција зависи од ставот и работата на пратениците во Собранието“, велат од Министерството, не прецизирајќи рок до кога земјава може да го добие овој закон.

Усвојувањето на Законот за климатска акција за годинава јасно го побара и Европската Комисија во Извештајот за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2021 година кој беше објавен во октомври, забележувајќи како за недонесувањето на овој закон лани, така и за потребата да се вложат повеќе напори во имплементирање на ветеното од страна на земјава во однос на Парискиот договор за климатска акција.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на 20 октомври лани рече дека очекува до крајот на минатата година Законот за климатска акција да биде доставен до Владата, а во најкраток можен рок потоа да се најде и на усвојување до Собранието на РСМ. Овој чекор се пролонгираше, а земјава во меѓувреме да даде нови ветувања за климатска акција на Конференцијата за климатски промени (КОП 26) што се одржа во ноември во Глазгов.

Северна Македонија е потписничка на Климатскиот пакт од Глазгов, со којшто се обврза да го забрза темпото на климатски активности со коишто ќе се ограничи глобалното покачување на просечните температури на воздухот, во рамките на прагот од 1,5 Целзиусови степени договорен со Парискиот договор.

Нашата земја се согласи да ги ревидира и зајакне своите тековни цели за емисиите до 2030 година, познати како Национално определен придонес (НОП), во 2022 година. Ова треба да биде комбинирано со годишната политичка тркалезна маса за разгледување на глобалниот извештај за напредокот и Лидерскиот самит во 2023 година. Исто така, Северна Македонија се обврза и на постепено исфрлање на јагленот, така што први во регионот во 2030 година би го напуштиле производството на електрична енергија од јагленот.

Земјава кон крајот на минатото лето ја усвои првата долгорочна Стратегија за климатска акција, со која Владата на РСМ постави долгорочни цели за намалување на националните нето емисии на стакленички гасови. Па така, до 2050 година целта е земјава да ги намали нето емисиите за 72 отсто, без вклучените емисии од авијацијата и увозот на електрична енергија. Стратегијата предвидува инвестиции за отворање на 10.000 зелени работни места до 2035 година, со што ќе се создадат за 2,7 пати повеќе работни места од сегашниот број на вработени во термоцентралите на јаглен во државата.

Инаку, Северна Македонија лани беше погодена од катастрофални шумски пожари во летниот период, пропратени со сушен период и продолжени топлотни бранови. Во 2016 година пак, Скопје беше погоден од катастрофални поплави, во којшто животот го загубија 22 лица. Земјава се наоѓа во регионот којшто е силно подложен на последиците од климатските промени, коишто резултираат со вакви и слични непогоди од поголеми размери.