С. Македонија мора да ја забрза енергетската транзиција: АД ЕСМ со најава за 1000 MW фотонапонски електрани

Фото: Zbynek Burival на Unsplash

АД ЕСМ долгорочно ќе изгради 1000 MW фотонапонски електрани како клучен дел од планот за енергетска трансформација, односно префрлање на производството на електрична енергија кон обновливи извори, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на енергетскиот форум МЕФ 2021.

„Над 70 проценти од нашето производството во моментов доаѓа од јаглен, и тоа за нас е голем императив да спроведеме брза енергетска транзиција, но која мора да биде и праведна, односно вработените да останат во компанијата со работни задачи соодветни на промената во производството. Работиме на ширење на нашето производно портфолио, пред се во делот на обновливите извори на енергија”, изјави директорот Ковачевски.

Ковачевски потенцираше дека фотонапонските електрани ќе се градат во еден дел како сопствени инвестиции на АД ЕСМ, а во еден дел како јавно-приватно партнерство.

Покрај производните капацитети од ветер и сонце, беше нагласено и значењето на поседувањето што почисти производни капацитети за базна, балансна енергија, за што беа наведени планираната гасна електрана во РЕК Битола, проширување на гасната електрана Енергетика во Скопје, планот за пренамена на ТЕЦ Неготино во електрана на гас и изградбата на големата хидроелектрана Чебрен.

Во текот на минатите две години земјава зацрта високи и амбициозни цели во секторите енергија и клима, но тие тешко ќе се достигнат доколку процесите за транзиција на јагленот кон обновливите извори на енергија не се забрзаат.  С.Македонија, преминот од употреба на фосилни горива кон обновливи извори на енергија, го потврди и со изборот на амбициозното и најскапо зелено сценарио од Стратегијата за енергетика до 2040 година. Земјава се обврза до 2030 година да го напушти производството на електрична енергија од јаглен и е првата земја од регионот што се обврза да го преземе овој потег.

Досегашните истражувања на емисиите за стакленички гасови во земјава покажуваат дека најголемиот дел од нив произлегуваат од секторот енергија, првенствено од производството и транспортот. Од таа причина и напорите на земјата за намалување на влијанијата на климатските промени ќе мора првенствено да доведе до промена токму во овој сектор во кој ќе треба да доминираат обновливите извори на енергија.

Со планирањето и реализацијата на нискојаглероден развој, преку зеленото сценарио, земјава се обидува да го обезбеди и својот придонес кон ублажувањето на климатските промени и се стреми кон исполнување на целите за намалување на емисиите на стакленички гасови. Засилениот национален придонес, темелен на зеленото сценарио, збогатено и проширено со мерките од другите опфатени сектори, ќе треба да обезбеди за 51 проценти да се намалат емисиите на стакленичките гасови во 2030 година, споредено со нивото од 1990, или изразено во нето намалување на емисиите за 82 проценти во споредба со 1990 година. Главното намалување од 66 проценти се очекува од енергетскиот сектор, преку деактивирање на електраните со јаглен Осломеј и Битола до 2027 година.