ЕУ бара усвојување на Законот за климатска акција, Нуредини вели до крајот на годинава ќе се најде пред влада

РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2021 година, во делот за климатските промени, посочува дека земјава треба да го усвои Законот за климатска акција, но и да вложи повеќе напори за да се имплементира ветеното од нас во однос на Парискиот договор за климатски промени, којшто беше потпишан во 2016 година.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на поставеното прашање на Мета.мк за ваквите забелешки на Европската Комисија денеска рече дека очекува до крајот на годинава Законот за климатска акција да биде доставен до Владата, а во најкраток можен рок потоа ќе биде доставен и на усвојување до Собранието на РСМ.

Сепак, министерот Нуредини нагласи дека клучно за него не е донесувањето на одреден закон, туку неговото спроведување на дело.

„Не станува збор за тоа дека не сме подготвени, но мене ми е важно како министер сите институции да го имплементираат тој закон, не само да носиме закони бидејќи ЕУ тоа го бара“, објасни министерот Насер Нуредини.

Во делот на климатските промени, Европската Комисија во најновиот Извештај потенцира дека усогласувањето на правната рамка на земјава со правото на ЕУ останува ниско, додека човечките и финансиските ресурси се многу ограничени.

Сепак, во Извештајот за реформскиот напредок се наведува и дека земјава ја усвоила долгорочната Стратегија за климатска акција, со наменски акциски план. Исто така, подобрениот Национален придонес кон климатски промени веќе е поднесен и е во согласност со долгорочната Стратегија за климатски промени и Стратегијата за енергетика.

Инаку, Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации КОП 26 започнува на 31 октомври во Глазгов. На овој планетарен настан Северна Македонија ќе треба да ги претстави долгорочните цели на земјава, кои веќе се определени со Стратегијата за климатска акција. Па така, земјава ќе треба да ги намали националните нето емисии на стакленички гасови, без вклучени емисии од авијација и увоз на електрична енергија за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година.