Со мерки за заштита од ковид-19, земјава денеска го чествуваше Илинден

-

Без масовни собири и без културно-уметнички програми, под заштитни маски и со кратки церемонии Македонија денеска го чествуваше празникот Илинден. Пандемијата на ковид-19 влијаеше на намалување на масовноста на организираните настани и на примена на мерките за заштита од вирусот при прославувањето на двата Илиндена.

Годинава, Денот на Републиката 2 – Август, Илинден, кој се празнува под слоганот „Победа за сите“, беше одбележан со низа свечености.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 2-ри Август – Ден на Републиката, Илинден, денеска положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар АСНОМ – Пелинце.

– 2-ри август е исклучителен повод да се потсетиме и на историското и на современото значење на илинденската кауза. Таа историска епопеја не е само борба за слобода против тиранијата. Илинден, и Крушевскиот во 1903-та и АСНОМскиот во 1944-та, се уникатни по својот карактер, исто како што е единствена и нашата држава и нејзиниот пат кон независноста од 1991-та година до денес. Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден беше и остана симбол на неспорно изразената волја за своја држава, заснована врз републикански и демократски начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници во неа – изјави претседателот Пендаровски во своето обраќање во Пелинце.

Чествувањето на Денот на Републиката денеска, започна рано изутрина со положување на цвеќе пред спомен-обележјата на Првото заседание на АСНОМ, на револуционерот Никола Карев и на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто во Скопје, информираат од владината прес-служба.

Во Скопје, свеченоста продолжи на скопското Кале на која претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски предводеше делегација во придружба на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, министерката за финансии Нина Ангеловска и заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска, и која положи цвеќе на споменикот на Слободата – Сила, слава и победа.

Премиерот Спасовски на Кале се обрати во чест на денешниот празник 2 Август, кога се одбележува 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание по свеченото интонирање на македонската химна и изведбата на оперската певица Елена Голомеова.

„На денешен ден, 2 Август – Илинден, е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903 година, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста. Борбата на сите наши илинденци никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на една држава врз друга, ниту пак на еден народ врз друг“, порача премиерот Спасовски.

По повод Националниот празник Илинден, делегација на Владата, предводена од заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за обрана Радмила Шекеринска, во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески положи венци со цвеќе на гробот на Никола Карев во Македониумот, на споменикот на хероите во месноста Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен.

Денешното чествување на големиот државен празник 2 Август во Крушево, на Мечкин Камен, го предводеше и се обрати потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој од името на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој поради здравствени причини не беше во можност да говори на свеченоста, им го честиташе Денот на Републиката на сите граѓани во државата и надвор од нејзините граници.

И оваа година, како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот 2 Август, во Смилево се чествуваа 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

Во рамки на церемонијата на свеченото одбележување на државниот празник 2-ри Август, на спомен обележјата во сите три града, покрај петте официјални делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, на Владата на Република Северна Македонија, на Армијата на Република Северна Македонија и на Сојузот на борците, венци со свежо цвеќе положија и претставниците на дипломатскиот кор, на политичките партии и на други општествено-политички организации.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...