Од година во година опаѓа бројот на ученици и студенти што се сместуваат во домови и интернати

Во последните седум години за 29 отсто опаднал бројот на ученици и студенти што се сместуваат во домови и интернати за време на школувањето. Домовите за ученици и студентските домови обезбедуваат сместување и исхрана, но бројот на оние што престојуваат во нив се намалува низ текот на годините. Па така, ако во учебната и академска 2012/2013 година нивниот вкупен број изнесувал 8.134 ученици и студенти, изминатата 2019/2020 година се намалил на 5.727.

Бројот на посетители се намалил и во домовите за ученици од основно, но и од средно училиште. Најголема заинтересираност кај учениците од основно образование да се сместат во домови имало во 2012/2013 година, кога се евидентирани 122 ученици. Додека пак, најголем број од средношколците (1.735) се сместиле во домовите во 2015/2016 година.

Слична е ситуацијата и во студентските домови. Во последните седум години, се намалува и бројот на студентите што одлучиле да престојуваат во дом за време на студиите. Евидентирани се 6.397 студенти во 2012 година, додека пак лани нивниот број е 4.090 студенти.

Поради појавата на пандемија со корона вирус, студентите годинава беа приморани ги напуштат студентските домови на 11 март. Во изјава за „Мета.мк“ претседателот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски соопшти додека се празни домовите, се уредуваат надворешните површини, а се работи и на внатрешноста на домовите.

„Покрај дезинфекцијата како една од основните активности, продолжуваме со работа во внатрешноста на домовите. Во меѓувреме се одвива и уредување на надворешните површини. Уредувањето на дворот на студентскиот дом „Кузман Јосифовски- Питу“ е завршено. Се работи на уредување на зелените површини во студентската населба „Стив Наумов“, а наскоро ќе биде завршено и уредувањето на „Гоце Делчев“, изјави Николовски.

Годинава исто така беа целосно реконструирани и пуштени во употреба Блокот В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Инвестицијата чинеше 2,7 милиони евра.