Со концерт на Европскиот Креативен Оркестар при Институтот ФАМЕ’С, вечерва во салонот на Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори 43-тото издание на манифестацијата „Скопско лето“ 2022, информираат организаторите.
Концертот е под диригентска палка на Тимоти Редмонд, а се одржува на првиот ден на летото на Светскиот ден на музиката и е по повод затворањето на француското претседателство на Советот на Европа.
Настанот е во соработка со Амбасадата на Франција, Францускиот Институт во Скопје и проектот ФАМЕ’С.
На „Скопско лето“ годинава ќе има 30 настани, а како и секоја година, најзастапени ќе бидат музичките настани, но ќе има и театарски претстави, изложби, фото изложби и програми за деца.
Годинава на фестивалот ќе има гости-уметници од Јапонија, САД, Канада, Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија, но и од европските држави.
Меѓу културните настани кои ќе може да ги посети скопската публика, на програмата се вметнати театарските претстави „Нема да е крај на светот“, „Торонто Експрес“, „Последната лента на Крап“ и „Во детска соба“, концертот на ансамблот „Танец“, изложбата на Пол Ванд и концертот на „Џим Политис Квартет“.