fbpx

Со амнестирањето осуденици Собранието навлегува во работата на судската власт, едногласни се експертите

Ова е седма амнестија по ред, а со секоја од нив се навлегува во работата на судската власт, односно Собранието игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка, вели професорот Светомир Шкариќ за предложениот Закон за амнестија

-

На 2 ноември е закажана собраниската седница кога пред пратениците ќе се најде Законот за амнестија кој го предложи министерот за правда Кренар Лога. Законот се предлага со цел растеретување на затворите кои се во мизерна состојба, а со него треба целосно да се ослободат осудениците до 6 месеци затвор, додека на останатите осудени за полесни кривични дела да им се скрати казната за третина.

Денеска, во присуство на голем број академици, професори, судии и практичари кои работат во областа на ресоцијализација и реинтеграција на осудени лица, Македонското пенолошко друштво организираше дебата за Законот за амнестија. Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, го оцени овој закон како нужда, а не како рационалност, бидејќи, како што рече, со секоја амнестија прешироко се навлегува во работата на судската власт. 

„Затворите се пренатрупани, нема место за нови осуденици и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови, правото мора да страда. Ова е седма амнестија по ред, а со секоја од нив се навлегува во работата на судската власт, односно Собранието игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка. Имаме еден парадокс, бидејќи судиите работеле на предмет, вложувале труд и сега целиот тој судски труд паѓа во вода“, рече Шкариќ, додавајќи дека има разбирање само во однос на амнестијата за кривичните дела поврзани со ковид-19, а за останатите амнестии не.

Дека условите во затворите се под секое човечко достоинство се согласува и професорот Владо Камбовски, но и тој смета дека со ваквите закони се упаѓа во работата на судовите.

„Амнестиите се носат од различни причини, помирување, ресоцијализација, хуман аспект итн. Факт е дека капацитетите во затворите се многу слаби и се прават одредени напори за реновирања и доградби, но сепак, тие се под стандардите. Не можете туку така човек да фрлите во нечовечки услови“, вели Камбовски.

Целта на носењето на Законот за амнестија, е исто така важен аспект – што ќе се постигне со тоа, вели поранешната судијка во Судот во Стразбур Маргарита Цаца-Николовска од Институтот за човекови права.

„Не сум сигурна дека ќе се расчистат проблемите со амнестијата. Еден дел ќе се ослободат, но државата мора да размислува на друг начин да овозможи извршување на казните да биде на достоинствен и соодветен начин. Тоа е нешто што треба да се види во кој дел и кој однос и која ситуација ја покрива. Не може со амнестија се да се покрие. Сепак е добро што се отвора ова прашање“, рече Николовска.

Со Законот за амнестија, вкупно 286 затвореници осудени до 6 месеци затвор би требало да излезат на слобода, а на уште 996 затвореници би им се намалила затворската казна за третина. Дополнително, упатни акти за издржување затворски казни имаат уште 2.813 осуденици. Дел од нив (оние кои се осудени на казни до 6 месеци затвор), ако се изгласа законот, воопшто нема ниту да влезат, на дел казната ќе им биде намалена за третина, а дел, осудените за потешки кривични дела, ќе влезат во затворските ќелии и во целост ќе ја издржуваат затворската казна. За ова, сè уште нема конкретни бројки.

Предлог-законот предизвика лавина реакции во јавноста, дотаму што дури и во самата Влада има разединувања меѓу министрите. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека не се согласува со овој предлог и дека истиот нема да овозможи подобрување на затворските услови, додека вицепремиерот Бојан Маричиќ изјави дека тој сериозно треба да се разгледа, бидејќи тоа е еден од начините како да се растоварат затворите.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека нема да го поддржат законот и дека ќе поднесат илјадници амандмани.

Законот за амнестија ќе се носи по скратена постапка, но не е со европско знаме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За една година, бројот на случаи на морбили во светот речиси се удвоил

Бројот на случаи на мали сипаници ширум светот речиси се удвоил од 2022 до 2023 година, покажува ново истражување, што претставува предизвик за напорите за елиминација во многу земји,...