„Мајнкрафт“ стана првата видеоигра од која се продадени 300 милиони примероци

Играта беше издадена во ноември 2011 година, а во 2014 ја купи „Мајкрософт“ за 2,5 милијарди долари

Image by flying flamingo from Pixabay

Најпродаваната игра во светот „Minecraft“ (Мајнкрафт) собори уште еден рекорд на продажба – компанијата која стои зад неа, „Mojang Studios“ откри дека има продадено повеќе од 300 милиони примероци ширум светот, пренесува Би-би-си.

Оваа бројка е далеку поголема од најблискиот ривал на „Мајнкрафт“ – „Grand Theft Auto V“, која заклучно со август 2023 година забележала продадени 185 милиони примероци.

Шефот на студиото зад „Мајнкрафт“, Хелен Чианг, викендов изјави дека бројката од 300 милиони е „пресвртница за која никој не можеше да сонува кога сите ги поставуваа своите први блокови“.

Во милионската бројка се вклучени продажбите на првичното лансирање на играта за персонален компјутер, продажбата на мобилните телефони на „Андроид“ и „iOs“, како и на конзолите Плејстејшн, Ексбокс и Нинтендо.

„Мајнкрафт“ беше издадена во ноември 2011 година, додека недовршена верзија на играта за првпат стана достапна во 2009-тата.

Играта во 2014 година ја купи „Мајкрософт“ за 2,5 милијарди долари.

Сепак, ниту „Мајнкрафт“ ниту „GTA V“ не оствариле продажба блиска до онаа на франшизата Супер Марио, која досега продала над 800 милиони игри од целата своја серија на видеоигри.

Втора најпродавана франшиза е ретро-загадочната игра Тетрис, која е продадена во повеќе од 520 милиони примероци во различни верзии од 1980-тите години досега.