fbpx

„Слобода од зависноста од рускиот гас“ – започна со работа интерконекторот меѓу Грција и Бугарија

-

Гасоводот меѓу Бугарија и Грција ја менува играта, рече во својот говор претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на свеченоста при пуштањето во комерцијална работа на гасоводниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција, што денеска се одржа во Софија.

На официјалната церемонија, покрај претседателката на ЕК, присуствуваа и европскиот комесар за енергетика, Кадри Симсон, претседателите на Азербејџан и Србија, Илхам Алиев и Александар Вучиќ, премиерите на Грција и Романија, Киријакос Мицотакис и Николае Чука, како и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Сите тие ја истакнаа важноста на интерконекторот, кој, иако со мал капацитет од три милијарди кубни метри годишно, почнува да работи во еден важен момент на криза поради руските енергетски испораки и високите цени на природниот гас.

Како што пишува бугарскиот портал „mediapool.bg“ сите гости ја истакнаа важноста на интерконекторот за диверзификација на снабдувањето со гас не само во Бугарија, туку и на Балканот и во Југоисточна Европа во време кога Русија станува сѐ понесигурен снабдувач со природен гас.

За време на церемонијата беа истакнати напорите на неколкуте бугарски и грчки влади за спроведување на проектот од 2009 година, како и поддршката од Европската Унија.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ го поддржала овој проект од првиот ден – политички, но и финансиски со 250 милиони евра. Таа истакна дека денес започна нова ера за Бугарија и Југоисточна Европа и дека ова е одлична вест во едни тешки времиња.

„Бугарија добиваше 80 отсто од својот гас од Русија, тоа беше пред Русија да одлучи да започне војна против Украина и енергетска војна против Европа. Овој гасовод ја менува играта. Тоа е промена на играта за Бугарија и за енергетската безбедност на Европа. И тоа значи слобода од зависноста од рускиот гас“, истакна Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК додаде дека благодарение на ваквите проекти, Европа ќе има доволно гас за зимата.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев посочи дека интерконекторот меѓу Грција и Бугарија ќе игра важна улога во безбедноста и диверзификацијата на снабдувањето со гас во Европа како дел од Јужниот гасен коридор.

„Досега единствен извор на азербејџански гас во Европа е Каспиското море, но имаме и други наоѓалишта на гас што ќе почнат да произведуваат и ќе придонесат за зголемување на обемот“, рече Алиев, кој на свеченоста доби серија благодарници што неговата земја придонесува за стабилизирање на енергетскиот пазар во Европа.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ја истакна солидарноста на соседните земји да обезбедат пристап до нивните гасоводни мрежи по суспензијата на рускиот гас за Бугарија кон крајот на април.

„Конечно, имаме вистински проток на гас од Азербејџан. Врската е исто така симбол на зголемување на потенцијалот на нашиот регион и за неговиот одржлив развој. Бугарија го проширува капацитетот на складиштето за гас во Чирен за да ги поддржи нашите соседи за подобра рамнотежа на нивните гасоводни мрежи“, истакна Радев и потсети на изградбата на гасоводната врска со Србија и успешното функционирање на врската со Романија која се гради неколку години.

Радев додаде и дека војната ги менува глобалните синџири на снабдување, а единствениот сигурен пат на гас по копно од Азија до Европа е преку Турција и Балканот.

„Мораме да ги консолидираме нашите напори за прекугранична дигитална инфраструктура за пренос на најважната стока на иднината – податоците и информациите“, додаде бугарскиот претседател.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека ова не е само енергетска линија, туку врска меѓу земји кои споделуваат исти вредности, како и доказ за справување со предизвиците.

„Ако можевме заедно да се справиме со Ковид, тогаш може да се справиме и со оваа криза. Европската солидарност ќе биде ставена над националните интереси“, рече Мицотакис.

На свеченоста се обрати и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој оцени дека ова е значаен настан бидејќи се случува во клучен момент кога регионот и континентот се соочуваат со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и голема невработеност.

„Јасно е дека колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока“, рече претседателот Пендаровски.

Проектот за гасоводниот интерконектор меѓу Грција и Бугарија (ИГБ) се состои од цевковод во должина од приближно 182 километри, од кои околу 31 километар се на грчка територија. Почнува од Комотини и завршува во Стара Загора. Гасоводот ИГБ има почетен капацитет од три милијарди кубни метри природен гас годишно, со можност да се зголеми на пет милијарди кубни метри гас годишно со изградба на станица за компресија.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...