fbpx

Видеото не е сегашно и не прикажува „група италијански патриоти“, туку неофашистички протест во 2013 година

-

Видеото споделено во постот е од инцидент кој датира од 2013 година, a луѓето прикажани на него не се никакви италијански патриоти, туку неонацистичка група. Во периодот кога се случил овој инцидент Урсула Фон Дер Лајен воопшто не беше претседателка на Европската Комисија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува видео. Описот на видеото дезинформира. Во објавата се вели:

Пред извесно време, група италијански патриоти отидоа во седиштето на ЕУ во Рим, го тргнаа знамето на ЕУ и го заменија со италијанско. Заканите на корумпираниот, неизбран тоталитарски политичар Фон дер Лајен не ги плашат Италијанците. 

Споделеното видео трае 48 секунди и на него се гледа дека човек се качува на скала и го отстранува знмето на ЕУ од зграда пред која е собрана група демонстранти. Меѓутоа, видеото е споделено со опис кој е надвор од контекстот. Настанот е од инцидент кој датира од 2013 година, луѓето прикажани на него не се никакви италијански патриоти туку неонацистичка група, а во периодот кога се случил овој инцидент Урсула Фон Дер Лајен воопшто не беше претседателка на Европската Комисија, како што се инсинуира во постот кој го рецензираме.

За инцидентот има повеќе медиумски известувања, како, на пример, оној на Ројтерс. Според тоа што е објавено на Ројтерс на 14 декември 2013 година, италијанска неофашистичка група поставила скала пред зградата на Европската Комисија во Рим и го отстранила знамето на ЕУ, после еднонеделни протести поради економски потешкотии во земјата. Крајно десничарски активисти, биле уапсени после овој инцидент и обвинети за кривично дело кражба, спротивставување на службени лица и неавторизиран протест, според тоа што го изјавила полицијата. Видеоснимката прикажува дека имало неколку десетици демонстранти во Рим, коишто носат маски во зелена, бела и црвена боја, како италијанското знаме и поставуваат скала пред зградата на извршното тело на унијата од 28 држави (Европската Комисија). Еден од демонстрантите потоа се качува на терасата, го сече знамето на ЕУ и го фрла во толпата која е долу. Некои од присутните носат симболи околу вратот кои што ги симболизираат Италијанците кои се самоубиле поради финансиски потешкотии, што претставува сензитивна политичка тема. Според Ројтерс, полицијата потоа го вратила знамето во зградата на Европската Комисија. Дел од учесниците биле блиски до антиимигрантската грчка партија Златна Зора.

Десетмина демонстранти биле уапсени, а меѓу нив бил и заменик претседателот на неофашистичкото движење Каса Паунд, крајно десничарски активист и симпатизер на Бенито Мусолини.

Припадници на ова неофашистичко движење самите објавија проширена верзија од видеото споделено во постот што го рецензираме. Ова видео на својот Јутјуб канал тие го поставија на 19 декември 2013 година, со наслов  „Каса Паунд блиц во канцеларијата на ЕУ. Украдено знамето, полициски обвиненија, 14 декември 2013 година“. 

Во постот што го рецензираме, пак, се споменува претседателката на Европската Комисија (моменталната) Урсула Фон Дер Лајен со што дополнително се дава лажна импресија дека видеото е од периодот во којшто таа е претседателка на Европската Комисија. Фон Дер Лајен, стана претседателка на ЕК во 2019 година, шест години откако е снимено видеото споделено во постот. Ако се погледне биографијата на Урсула Фон Дер Лајен, евидентно е дека во периодот кога е снимено видеото од постот, таа била министерка и не била дел од ЕК.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот. Видеото е од 2013 година. Поради тоа што во постот се споменува тековната претседателка на Европската Комисија, се добива лажна импресија дека тоа е од неодамнешен датум. Дополнително, лицата на видеото не се никакви италијански патриоти, туку се неофашисти, од кои дел биле уапсени за повеќе обвиненија после горенаведениот протест кој е прикажан во видеото.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...