Еколошка акција во Ростуше – „Сите сме рефлексија на животната средина“

фото: Младински образовен форум (МОФ)

Клубот за младински активизам при Младинскиот образовен форум (МОФ) заедно со уметникот и скулптор Андреј Миневски и Зеукстритон, здружение за заштита на екологијата и унапредување на културата и спортот во четвртокот во Општина Ростуше ја спроведоа еколошката акција „Сите сме рефлексија на животната средина“.

Целта на оваа акција е да се подигне еколошката свест кај граѓаните на општината со оглед на тоа што во Ростуше се мапирани 42 диви депонии за две години.

„Општината до скоро немаше градоначалник, а јавното комунално претпријатие не може да постигне да го собере отпадот што настанува од домовите на жителите“, велат од Младинскиот образовен форум.

„Ова сме ние“, „Ова е огледало на еколошката (не)свесност“, „Ова е огледало на (не)одговорноста за животната средина“, „Како да ја разубавиме сликата во огледалото?“ се дел од пораките пренесени на петте вертикални огледала што беа поставени во центарот на Ростуше.

Жителите кои ја посетија акцијата велат дека се свесни за недоволната грижа кон природата и упатија апел кон своите сограѓани и надлежните институции да соработуваат за почиста средина.