Овој летен распуст околу 23.000 средношколци ќе може да го користат јавниот превоз во Скопје бесплатно заради посетување дополнителна настава, часови по практична настава, како и за посета на културни, спортски или други активности, одлучи денеска Советот на Град Скопје на 13-та седница.
„Изминатите години бесплатниот билет им важеше само за време на учебната година, а за месеците од летниот распуст можеа да набават месечен билет по повластена цена, од 600 денари за користење на сите линии, за еден месец, односно за јули или август. Со денешната одлука на Советот на Град Скопје ќе можат да се возат бесплатно“, соопштија од Град Скопје.
Бесплатниот превоз, како што соопштија градските власти, важи за сите ученици од задолжително средно образование во средните училишта под ингеренции на Град Скопје, како и за оние што учат во државните средни училишта.
Инаку, градоначалничката Данела Арсовска за време на предизборната кампања за локалните избори кон крајот на септември минатата година ветуваше бесплатен јавен превоз за сите скопјани и понуда на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили. Но, по нејзината победа на изборите во македонската престолнина, таа рече дека „ЈСП е тежок загубар“ и дека проектот за бесплатен јавен превоз ќе се реализира во период од две години.