Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) денеска одржа прес-конференција пред зградата на Министерството за образование и наука, на која ги изрече новите реформски дејства на кои работеше изминатиов период: меѓународна соработка, бесплатен јавен превоз за сите средношколци и демократско средношколско организирање.
Во однос на барањето за бесплатен јавен превоз кое треба да биде достапно за сите средношколци во земјава, уште пред една недела делегација сочинета од највисокото раководство на Сојузот на средношколци се сретна со градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
„Што се однесува на јавниот превоз, од градоначалничката добивме гаранција за остварување на нашата заложба за праведен јавен превоз за сите средношколци преточена во Меморандумот. Таа ни посочи дека нејзината врата е секогаш отворена за барањата на средношколците“, соопштуваат од средношколската организација.
Барањето на Сојузот се заснова на изготвен предолг-закон со кој се предлага менување на Законот на средно образование, односно воведување на праведен превоз за сите средношколци на територија на целата држава.
Со ваквиот закон, сите средношколци во Македонија ќе имаат право да добијат бесплатен билет што ќе може да го користат во текот на целата календарска година.
„Начелно договоривме учество на Сојузот на следниот состанок на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за нашите идеи да ги претставиме пред градоначалници од сите краеви на земјата“, рекоа од Сојузот од каде истакнаа и дека досега не разговарале со никој, освен со градоначалничката на Скопје, која им ветила остварување на нивната заложба.
„Очекуваме да добиеме поддршка од сите пратенички групи бидејќи станува збор за исконско барање на средношколците, објавено уште во мај 2021 година, а секако е во интерес и на локалните економии, па очекуваме сите партии да го поддржат“, рече на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ.
Сојузот на средношколци подготви и предлог-закон со кој се гарантира постоење на ученички совети во секое училиште, нивна независност од другите органи на училишната управа, како и демократски и непосредни избори за претседателите на ученичките совети бидејќи како што посочуваат, постоењето на ваквите ученички тела е од круцијално значење.
Од средношколската организација нагласија и дека официјално добиле кандидатски статус за членство во Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (ОБЕССУ), односно дел од Европската Унија за средношколски организации.