Системски се воведува услугата образовен асистент која ќе се финансира преку Буџетот на државата

Мила Царовска | Фото: МОН

Донесени се сите подзаконски акти кои се однесуваат на услугата образовна асистенција, со што таа за првпат системски се воведува и ќе се испорачува согласно Законот за основно образование. Услугата ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари, соопшти денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска на зум-средбата во организација на Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – НВО Пркос, во соработка со Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби „Соѕвездие“, по повод Денот за подигнување на свеста за церебралната парализа – 25 Март.

„Сите родители на учениците од 2-ро до 9-то одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. За учениците кои за првпат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на месец јуни. По утврдување на потребата, односно бројката на потребни образовни асистенти, во втората половина на месец јуни ќе се објави јавен повик за ангажирање на образовни асистенти“, појасни Царовска.

Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во месец април ќе почне обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.