Десетмина од повредените во несреќата што се случи кога автобус излета на автопатот Скопје-Тетово се во тешка состојба, а шестмина се во критична, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите.

Во болницата „8 Септември“, вкупно хоспитализирани се 28 пациенти од кои шест денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување. На скопските клиники има осум повредени од кои четворица се во критична состојба.

– Двајца од повредените во автобуската несреќа коишто се хоспитализирани во болницата „8 Септември” имаат сериозни повреди на главата и се во критична здравствена состојба. Нивниот живот засега се одржува со апарати за дишење. На една млада пациентка која се наоѓа во Клиничкиот центар утрово ѝ се влоши состојбата и во моментот е на операција, состојбата со ногата и е лоша и можно е да ѝ ја ампутираат. Конзилиум од доктори одлучува што ќе се прави – рече Филипче.

Двајца од повредените во „8 Септември“ ноќеска се оперирани, односно 15-годишно момче и 40-годишен маж.

Како што информираше директорот на болницата, Христијан Костов, интервенцијата им била извршена откако било констатирано дека нивната состојба е влошена поради губење крв. Момчето е со повреда на црниот дроб, а на 40-годишниот пациент му е санирана повреда на тенкото црево.

-Двајца од пациентите овде се на респиратор уште првиот момент на пристигнување, имаат доминантна повреда на мозокот и коските на лицето. Кај едниот има и контузија на белите дробови. И двајцата се политрауматизирани, едниот е во доста лоша состојба, но времето ќе покаже. За сега интервенција не е потребна – рече Костов и додаде дека во моментов нема потреба од нови залихи на крв.