Архивска фотографија, 24 мај, 2016 г. | Мета.мк

Секој со своите променети улоги, власта, опозицијата и дел од граѓанските активисти на различен начин гледаат на Шарената револуција од денешен аспект. Едните го гледаат овој важен настан од македонската историја како успех во повторното придобивање на демократијата и крај на диктатурата, додека други се чувствуваат изиграни и изманипулирани. Власта и опозицијата и по пет години, не се согласуваат за важноста на Шарената револуција, иако денеска се наоѓаат во променети општествени улоги. Граѓанските организации пак како и тогаш, и денеска сметаат дека општеството треба да остане будно и да се спротивстави на идните антидемократски тенденции.

Центарот за слобода Цивил денеска организираше програма во живо, со која се одбележа 5-годишнината од Шарената револуција. Според Џабил Дерала, претседател на Цивил, тие како организација дале повеќе пати иницијатива 12 април да се прогласи за ден на граѓанскиот пркос.

„Таа иницијатива за прв пат почна со изложбата на нашиот колега и соборец Александар Кондев“, изјави денеска Џабир Дерала по повод годишнината од Шарена револуција.

На денешниот настан организиран од Цивил, новинарот Зоран Иванов спомена дека Шарената револуција и сите налик на неа никогаш не се случуваат случајно, бидејќи на нив им претходат процеси на разочараност на граѓаните, резигнираност, па и апатија.

„По правило таквите изрази на незадоволство од власта се исклучиво граѓански, нема политичка или партиска сила која може да го покрене народот ако кај нас граѓаните нема чувство на таа акумулирана неправда која не е неправда на миг, туку неправда на процес, на време“, изјави Иванов.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во денешното обраќање на настанот организиран од Цивил кажа дека борбата за човекови права и слободи, правда, слобода и еднаквост во нашето општество продолжува и дека тоа е континуиран процес.

„Велевме „Нема правда – Нема мир“ и сега од позиција на министер, функција на која сум само неколку месеци, чувствувам огромна одговорност, но и задоволство што заедно со Владата работиме на зацврстувањето на правната држава и враќањето на довербата на граѓаните во правниот систем“, изјави Маричиќ.

За Маричиќ паролата „Нема правда – Нема мир“ е уште жива и е водилка која ни покажува дека никогаш не смееме да го изгубиме фокусот од правдата како фундамент за секое развиено и модерно општество.

Зоран Заев, од позиција на премиер, денеска напиша на Фејсбук дека најважната придобивка од Шарената револуција е јасниот и гласен изблик на граѓаните дека никој не може да им ја одземе слободата и да ги зароби општеството и државата и дека тие знаат да застанат во одбрана на овие вредности и да се спротивстават на брутален режим.

„Граѓаните денес се гласни и со конкретни критички ставови, а покрај себе имаат власт која е отворена за граѓанскиот глас, слуша и знае да се поправа. Тоа е резултат на демократската промена во чие остварување сериозен удел имаше и „Шарената револуција“, а граѓаните треба да се горди што Северна Македонија напредува на полето на демократијата и слободата“, напиша Зоран Заев.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, против чија власт протестираше Шарената револуција пред пет години, денеска излезе со став дека Заев и Маричиќ ги изманипулирале сите, фарбале и кршеле институции за да крадат и да прават криминал. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Шарената револуција постигнала Царовска, Маричиќ и Забрчанец да добијат места во владата, наспроти сиромаштијата за народот и резилот за државата.

Шарената револуција започна на 12 април 2016 година откако тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов прогласи аболиција за 56 лица осомничени за вмешаност во скандалот со прислушкувањето во земјава. Протестното движење започна истата вечер, кога неколку илјади граѓани излегоа на улиците на Скопје. Пробивајќи го полицискиот кордон демонстрантите ја запалија канцеларијата на Иванов во центарот на градот. Три дена подоцна, на 15 април беше фрлена боја врз фасадата на Порта Македонија, по што и настана терминот „Шарена револуција“, одбележувајќи ги протестите кои продолжија и во следните денови со зголемено темпо и масовност.