fbpx

Шаќири: Од септември ќе бидат ангажирани над 800 образовни асистенти во основните училишта

Тој, повторно, без да прецизира колку ќе трае процесот, информираше дека во постапка на изработка е нов Закон за средно образование и дека во истиот се предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта, кои досега се вклучуваа преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер

-

Повеќе од 800 образовни асистенти ќе бидат ангажирани во основните училишта во новата учебна година, за да им помагаат на учениците со посебни образовни потреби полесно да ја совладуваат наставната материја и училишните обврски, најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири по денешната средба со директорките на двете скопски основни училишта со ресурсни центри „Златан Сремец“ и „Иднина“ – Марија Делетиќ и Лорета Андреевска.

Тие дискутираа дека образовната асистенција и натаму е обврска на државата, како и за подготвителните активности кои во моментов се спроведуваат за успешен старт на новата учебна година за сите ученици со попреченост.

„Образовната асистенција започна со ангажирање на 500-ни стручни лица во основното образование пред 2 години. Изминатава учебна година имавме 720, а од следната бројката ќе биде уште поголема. Целосно ќе го обезбедиме буџетот за нивно ангажирање и родителите, односно старателите на учениците со попреченост нема да имаат никакви финансиски издатоци по овој основ“, рече Шаќири.

Тој, повторно, без да прецизира колку ќе трае процесот, информираше дека во постапка на изработка е нов Закон за средно образование и дека во истиот се предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта, кои досега се вклучуваа преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер.

Работните задачи на образовниот асистент се уредени со Правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, а обуките за нив ги организираат основните училишта со ресурсни центри, каде и воедно истите се вработуваат.

Инаку, во основните општински училишта во земјава се вклучени околу 2.000 ученици со посебни образовни потреби, додека во средните се инклудирани 300 ученици.

Мета.мк веќе пишуваше за важноста и потребата за интензивирање на активностите од страна на Министерството за образование и наука, со цел донесување на нов Закон за средно образование, кој ќе биде усогласен со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, и поддршката за сите ученици со попреченост во средното образование (образовна асистенција) да биде утврдена како системско решение.

Средношколците со посебни потреби чекаат на Законот за средно образование за да добијат образовни асистенти

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека...