Шаќири: Новиот е-дневник ќе биде поврзан со дигиталните учебници

Министерот за образование за Мета.мк ијави и дека идејата за електронско свидетелство ќе се реализира, но дека тоа внимателно ќе се изведува во следнава календарска година

Фото: МОН

Од почетокот на второто полугодие, родителите и наставниците во почетна фаза во 40 пилот-училишта ќе користат нов електронски дневник, кој во изминатиов период беше во тест фаза. Нема да се случува да „паѓа“ системот.

Ова денеска за Мета.мк го најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на средбата што ја организираше за новинарите. Тој кажа дека идејата за електронско свидетелство ќе се реализира, но дека тоа внимателно ќе се изведува во следнава календарска година.

„Претходната министерка одлучи целосно да биде повлечен хартиениот дневник од употреба. Во меѓувреме, има реакции од наставници, од аспект на педагошка дисциплина во одредени уилишта и тие кажуваат дека подобра опција бил хартениот дневник. Јас сум на став дека дигитализацијата е подобро решение. Сè што треба за педагошки цели може да се организира меѓу директорот на училиштето одговорните внатре, да се обезбеди хартиен дневник, само ако мислат дека тоа ќе е подобра опција, но да не биде задолжително пополнувањето податоци во него“, вели Шаќири.

Во 40 пилот училишта ќе се работи во нов е-дневник

Тој го повтори она за што Мета постојано пишуваше, дека системот на е-дневникот крахира пред секој крај на учебна година, поради тоа што сите наставници и родители пристапуваат и го користат е-дневникот.

„Затоа наставниците треба во постепено, не наеднаш, да ги внесуваат податоците. Во МОН, пред две години започнавме проект за нов е-дневник со поддршка на ЕУ кој е полесно достапен, пристапен. Во претходните три месеци го презентиравме на наставници. ќе почне да се применува во 40 пилот училишта во земјата“, кажа Шаќири.

МОН има обезбедено нова база на податоци која е подобра од онаа на стариот е-дневник.

„Но, не сакаме сите податоци да се префрлат во новиот систем и да има проблеми“, додаде тој.

Шаќири најави дека е-дневникот е синхронизиран со системот на запишување ученици, односно дека ќе се земаат податоци од е-дневникот, при уписи во средно училиште.

„И дигиталните учебници кои вчера ги промовиравме и кои се многу поразлични од ПДФ формат, намерата е да се поврзат со е-дневникот. Тоа значи дека преку е-дневникот, наставникот ќе има пристап на секој час до тие материјали и така ќе може да ги користи во наставата“, кажа министерот.

E-свидетелства ќе се издаваат, но неизвесно е кога 

На прашањето на Мета дали Шаќири е на став дека треба се издаваат свидетелства во електронска форма, тој кажа дека за тоа да профункционира мора да се усвојат законски измени.

„Електронското преземање податоци функционира со Централниот регистар. Правиме и проверка на податоците во Управата за јавни приходи, во однос на стипендиите, што значи имаме вмрежување како институции. Но за е-свидетелства, треба да се изменат закони. На почетокот на јануари законите за основно и средно образование ќе бидат на владина седница, а делот за е-двидетелство треба добро да се разгледа. Точно е дека со издавањето е-свидетелство се добива на време, но на пример, во процес на нострификација, секогаш има забелешки за е-документите. Таа идеја е супер ако зборуваме за заштеда на време, но мора да има законски имени за да е сето тоа функционално“, рече Шаќири.

Е-свидетелствата се добра идеја бидејќи за да се креира свидетелство, може да се „влечат“ податоци директно од е-дневникот. Сепак, за вакво нешто да се реализира потребно е да се изгради цел систем.

Минатата година, кога за прв пат уписите во средно се одвиваа по електронски пат, министерот меѓудругото, најави и мобилна апликација на е-дневник и електронско свидетелство.

„Во план е воведување на електронско свидетелство, автоматско внесување на оценките во е-дневник при аплицирање на основци во средно, а работиме на идејата за имплементација на нов Higher education management system (HEMIS) за автоматско аплицирање за матурантите на универзитетите“, најави тогаш Шаќири.