fbpx

Се урна „Таргет-Тврдина“, сметката ќе ја платат граѓаните

Трошоците за кривичната постапка, трошоците што ги имале обвинетите за нивните адвокати, трошоците што настанале по повод вештачењето итн., сето тоа паѓа на товар на Буџетот, а и лицата кои биле оштетени од незаконското прислушување и трошоците за нивно обесштетување повторно паѓаат на товар на државата, рече Ристоска

-

За жал, нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата, соопшти Ленче Ристоска, обвинителката од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за случајот „Таргет Тврдина“.

За предметот настапува комплетна застареност, што е директна последица на измените во Кривичниот законик, со кои се намалија казните за злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата и злосторничко здружување. Со тоа, и периодот на комплетна застареност се намали драматично – од 40 години на 10 години.

Судот на денешното рочиште донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” во делот на незаконското прислушување поради настапено застарување на делата. Во моментов сè уште не е застарен делот од предметот којшто се однесува на уништување на опремата за прислушување.

Се запира кривичната постапка за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Трошоците за овој предмет сега ќе паднат на товар на државата.

„Трошоците за кривичната постапка, трошоците што ги имале обвинетите за нивните адвокати, трошоците што настанале по повод вештачењето итн., сето тоа паѓа на товар на Буџетот и она што е најважно и лицата кои биле оштетени од незаконското прислушување и трошоците за нивно обесштетување повторно паѓаат на товар на државата“, рече Ристоска.

Финансиските импликации што ќе ги предизвика овој предмет врз Буџетот на државата, според обвинителката, не се воопшто занемарливи.

Според обвинението, поранешниот директор на УБК, Мијалков, формирал злосторничко здружување за да прислушува и со тоа да добива информации од новинари, политичари, бизнисмени и други, со што стекнал политичка и деловна корист.

Екс началникот на петтата управа во УБК, Грујевски, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ, се обвинети како соосновачи на злосторничкото здружување.

Мијалков, Грујевски и Николиќ им наложувале на хиерархиски потчинетите да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување (Vernit, Nice Track и IPS62) за да ги следат комуникациите во УБК. Службениците што сега се обвинети ги транскрибирале разговорите, а транскриптите му ги предавале на Грујевски.

Во февруари 2015 година, по објавувањето на прислушуваните разговори, Грујевски и Мијалков се обиделе да го скријат фактот дека незаконското прислушување се одвивало во УБК.

Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите за следење Vernit и Nice Track, во време кога вториот систем уште бил во употреба. Грујевски и шефот на одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, формирале комисија за да ја уништи наводно застарената и нефункционална опрема без постоење какви било законски основи.

Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е обвинета дека тоа го одобрила. Со уништувањето на опремата за следење на комуникациите му била нанесена штета на буџетот од приближно 1,4 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...