Битолскиот разгранок на СДСМ од 1 февруари почнува со процедурата за избор на кандидат за градоначалник, за претстојните локални избори, кои, според актуелниот Изборен законик, треба да се одржат во првата половина на мај годинава.

Извори од партијата во Битола велат дека централниот одбор на СДСМ по состанокот во вторникот во Скопје, им дал зелено светло на општинските организации да ја почнат процедурата за кандидирање лица за градоначалник, како и кандидати за советничките листи.

Ова значи дека до средината на март треба да завршат внатрепартиските избори на општинските организации и потоа да се знае најтесниот круг на кандидати за локалните избори.

– Процедурите за избор на кандидат за градоначалник и на кандидати за советничките листи почнуваат на 1 февруари и ќе траат до 7 март. Пред сè, ќе се цени мислењето на членството, предлозите ќе бидат испратени на консултации во централата, а на крајот, за конечните избори, пресудни ќе бидат општинските конференции – изјави за „Мета“ потпретседателот на СДСМ, Алаксандар Кирацовски.

Од општинската организација на партијата во Битола велат дека веќе имало членови кои јавно најавиле дека ќе се кандидираат за градоначалничката функција, а еден од нив е бизнисменот Сребре Нечовски-Конект, кој на претходните избори беше еден од кандидатите за градоначалник во помалата пелагониска општина Могила.

Меѓу посериозните кандидати за градоначалник се споменуваат Алаксандар Кирацовски, шефот на изборниот штаб за парламентарните избори во Битола, Методија Тасевски, како и советниците Благојче Котевски и Горан Козаров.

Аспирации за градоначалничката фотелја покажале и неколку лекари од битолската клиничка болница, меѓу кои и Гоце Чакаровски, претседател на комисијата за здравство на СДСМ.

Од општинската организација велат дека не е исклучена можност во Битола, опозицискиот СДСМ да излезе и со надпартиско решение, ако тоа го покажат анкетите, што допрва ќе се прават, како и расположнието на битолската јавност.