Комисијата за надворешна политика на СДСМ, раководена од заменик-претседателката Радмила Шекеринска, ја анализираше состојбата во надворешната политика во однос на остварувањето на стратегиските определби на државата на надворешен план, соопштија денеска од партијата.
„Констатирано е значајно назадување на позицијата и на угледот на Македонија на овој план, со јасни белези за изолација и за доведување во опасност на интегритетот, самостојноста, безбедноста и на развојот на земјата, како и за бесперспективност на нејзините граѓани. Суштински елементи за овие состојби се неконзистентната надворешна политика на актуелната Влада на РМ и маргинализацијата на дипломатската структура во креирањето, координирањето и во реализацијата на стратрегиските цели за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО. За нивна реализација, потребно е создавање на обединувачки основи и единство во државата, за што комисијата подготви нацрт-стратегијата за надворешната политика на Македонија“, пишува во соопштението на партијата.