Натпреварот за украсување јајца во Белата куќа се однесува на креации од децата на членовите на Националната гарда, според Американ ег борд, партнер кој Конгресот го основаше во 1976 година. На Бордот му е забрането да дискриминира во сите програми и активности врз основа на религија, политичко уверување и сите други категории. Бордот е поддржувач на овој настан со украсување јајца повеќе од 45 години и овие правила важат од неговото основање, а не зашто Бајден така решил, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Бајден забрани користење на религиозни христијански дизајни во Белата Куќа за католичкиот Велигден.
Америка е стратешки партнер на СДСМ/ДПМНЕ.
На западот оваа година е зголемен нападот врз христијанството во корист на ЛГБТ пореметеноста и уништувањето на традиционалните вредности.
За СДС/ДПМНЕ единствената опција за Северна Македонија се токму ЕУ и НАТО, Западот!
Во склоп на објавата се споделува и фотографија – скриншот од наслов на текст на Фокс Њуз.
Повеќе светски сервиси за проверка на факти пишуваат дека ваквите тврдења дека Бајден забранил користење на религиозни христијански симболи, се манипулативни и невистинити или во најмала рака интерпретирани во погрешен контекст.
Како што наведуваат проверувачите на факти на Франс прес, приврзаниците на кампањата на Доналд Трамп и неговите поддржувачи тврдат дека претседателот на САД, Џо Бајден ги забранил религиозните симболи од славењето на Велигден во Белата Куќа.
Ова е претставено со погрешен контекст. Натпреварот за млади за украсување јајца, се одвива според правила коишто се применуваат со децении, пишува Франс прес.
Оттаму го споменуваат текстот на Фокс њуз кој е дел од објавата што ја рецензираме и наведуваат дека истиот бил употребуван од страна на Трамп.
Натпреварот за украсување јајца во Белата куќа се однесува на креации од децата на членовите на Националната гарда, според Американ ег борд, партнер кој Конгресот го основаше во 1976 година. Натпреварот во кој младите и деца доставуваат украсени јајца се придружува кон традиција која е стара 47 години, при што ѝ се доделува јајце и на првата дама.
Натпреварот навистина забранува да се испраќаат јајца кои вклучуваат религиозни симболи или религиозни теми, според флаерот што го цитира и Фокс њуз.
Но, Емили Мец, претседателка на Американскиот борд вели дека правилата се рефлексија на статусот на бордот и на настанот како дел од програмата за агрикултура, која промовира истражување и дека „од организацијата отсекогаш се барало да настапува и да се однесува во согласност со федералните правила за сите свои активности, вклучително и оваа“.
На Бордот му е забрането да дискриминира во сите програми и активности врз основа на религија, политичко уверување и сите други категории. Бордот е поддржувач на овој настан со украсување јајца повеќе од 45 години и овие правила важат од неговото основање, независно од тоа кој е претседател, вели Мец за Франс Прес.
Портпаролкaта на сопругата на Џо Бајден (Џил Бајден), Елизабет Александер на социјалната мрежа Икс наведе дека флаерот на Американскиот борд е напишан со стандарден недискриминаторски јазик, каде се бара уметничките јајца да бидат доставени, како што тоа се прави 45 години наназад независно од тоа дали на власт се администрациите на демократите или на републиканците, а така било и во минатото.
Правилата за апликации за натпреварот за украсување јајца, исто така забрануваат дизајни што се непристојни, навредливи, клеветнички или дискриминаторски.
Асошиејтед прес пишува дека флаерот со кој се повикуваат децата на припадниците на Националната гарда да достават дизајни за велигденски јајца за изложбата во Белата куќа организирана во соработка со бордот, навистина содржеле рестрикција дизајните да не содржат религиозни симболи, но таквите рестрикции не се ништо ново.
Откако флаерот се прошири на социјалните мрежи, луѓето невистинито тврдеа дека Бајден бил тој што решил да забрани такви симболи како дел од натпреварот кој е дел од многубројни велигденски традиции во Белата куќа.
Американскиот борд е програма којашто промовира и истражува специфични агрикултурни добра без да се осврнува на специфични брендови или производители.
Сите такви програми мора да следат федерални правила, кои вклучуваат и забрана за дискриминација врз основа на религија. Ова е случај уште од 1976 година кога е основан Бордот, пишува Асошиејтед прес.
Американскиот одбор за јајца ѝ подари комеморативно јајце на првата дама што ги одразува нејзините каузи и придонеси. Од 2022 година, одборот соработува со Белата куќа за да организира поголеми изложби кои прикажуваат украсување на јајца во текот на пролетта.
Во 1878 година првата изложба со велигденски јајца во Белата куќа ја организираше претседателот Радерфорд Б. Хејс.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека објавата што ја рецензираме е објава која е невистинита во смисла на тоа дека не е претседателот Бајден оној кој забранил религиозни симболи на традиционалниот натпревар за украсување јајца во Белата куќа, туку тие правила се на сила со децении, затоа што во САД е забранета дискриминацијата врз основа на религија и други основи, а на натпреварот учествуваат децата на членовите на Националната гарда кои испраќаат свои апликации.