Градоначалниците на општините Аеродром, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода потпишаа меморандуми за соработка со социјалното претпријатие „РЕДИ-Рециклажа“ кое повеќе од една година работи со примарна селекција на отпадот од станбените згради во Скопје. Меморандумите за соработка беа потпишани во рамките на вториот меѓународен „РЕДИ Самит“ кој вчера и денеска се одржува во Скопје.
Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски го потпиша меморандумот за соработка, со кој Општина Аеродром се обврзува на иницијатива за воспоставување систем за примарна селекција на неопасен отпад и подигнување на јавната свест за селектирање отпад.
„Станува збор за успешен концепт на социјално претпријатие кое заслужува пофалба и поддршка, бидејќи го подобрува животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад, но и ја подобрува состојбата на животната средина во Македонија. Социјалните претпријатија се одлична алатка за вклучување на неформалниот сектор во системот за управување на отпад. Токму поради тоа, Општина Аеродром и понатаму ќе дава поддршка на овој концепт, а потпишувањето на денешниот меморандум е уште една потврда за тоа“, истакна градоначалникот Муцунски.
И градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски го потпиша меморандумот за соработка, кој има за цел воспоставување на систем за примарна селекција на неопасен отпад и подигнување на јавната свест за селектирање на отпад во општина Кисела Вода.
„Заемните активности кои се опфатени во согласност со оваа Иницијатива, се поставување на канти за селекција на неопасен отпад во станбени згради и објекти коишто ќе бидат мапирани, навремено собирање на неопасен отпад (пластика и хартија) од поставените канти во станбените згради натериторија на општина Кисела Вода и обезбедување на обучен работен кадар“, информираат од Општина Кисела Вода.
Тие информираат дека пред почетокот на примарната селекција на отпадот во Кисела Вода ќе има обуки, техничка поддршка, мапирање на заинтересирани лица за учество во проектот, а паралелно, преку организирање на едукативни кампањи, ќе се подигнува свеста кај целокупното население.
Меморандум за соработка со РЕДИ-Рециклажа вчера потпиша и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, со кој како општина се обврзуваат на иницијативата за воспоставување на систем за примарна селекција на неопасен отпад и за подигнување на јавната свест за селектирање на отпад.
И градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски вчера го потпиша меморандумот за соработка со РЕДИ-Рециклажа, со кој примарната селекција на отпадот ќе може да се прошири и на територијата на оваа скопска општина.
На вчерашниот ден од РЕДИ Самитот се дискутираше и за социо-економската инклузија на неформалните собирачи на отпад во земјава, како и за зелената агенда во Западен Балкан и за порастот на енергетските цени.
РЕДИ Самитот е составен од панел-дискусии кои ќе ја создадат совршената средина за стекнување знаења и изнаоѓање нови и иновативни пристапи за промовирање на вклученоста на Ромите.
На вториот ден од РЕДИ Самитот, денеска ќе има дискусии на уште три важни теми, и тоа за: Дигиталната трансформација на ромските бизниси, на кој ќе се дискутира важноста на оваа трансформација за опстојувањето на ромските бизниси, особено при услови со какви што се затекнаа за време на пандемијата со КОВИД-19.
На посебен панел ќе се дискутира и за потребата на јавни фондови во вид на грантови и гаранции за обезбедување работни позиции за ранливите заедници, додека на последниот панел ќе се разговара на темата Алтернативни финансиски средства за финансиска инклузија, односно како ромските претприемачи може да стигнат до алтернативни решенија за одржување на своите бизниси, покрај брзите кредити.
РЕДИ Рециклажа на терен, почна селекцијата на отпадот во дел од зградите низ Скопје
РЕДИ-Рециклажа започна со работа во ноември лани, при што околу 200 станбени згради од Карпош, Аеродром и другите општини се пријавија на повикот за воспоставување на систем за селекција на отпадната хартија и пластика. Заинтересираните субјекти добија канти за селектирање на отпад (пластика и хартија), како и редовно собирање со еколошки возила – електрични трицикли од страна на формализирани собирачи, коишто се вработени во социјалното претпријатие.