Асиб Зекир: РЕДИ го собира селектираниот отпад од 120 згради низ Карпош, наскоро почнува и во Аеродром

Асиб Зекир, РЕДИ, фото: лична архива

РЕДИ-Рециклажа е социјално претпријатие коешто започна да функционира во Скопје минатата есен. Нивните два главни мотива за функционирање се зголемување на процентот на селектиран отпад – хартија и пластика и отпочнување на процес за формализирање на професијата – собирач на отпад во земјава. РЕДИ-Рециклажа со нивните електрични, еколошки трицикли и вредните работници веќе неколку месеци непречено работи. За најновите информации поврзани со работењето на ова социјално претпријатие, Мета.мк разговараше со управителот на РЕДИ-Рециклажа, Асиб Зекир.

Какви се резултатите од минатогодишното работење во однос на количеството на селектиран отпад и бројот на ангажирани селектирачи на отпад? Какви се вашите очекувања за годинава, колкави количеста и каков отпад очекувате да селектирате во 2022 година и колкав е бројот што очекувате да се достигне кај ангажирањето на селектирачите на отпад?

Асиб Зекир: Од октомври минатата година досега, во РЕДИ се вработени седум лица односно пет собирачи на секундарни суровини, еден супервизор и еден возач на камион.   Собирачите на РЕДИ успешно ги имплементираат предвидените активности на терен и да го применуваат воспоставениот систем за примарна селекција на отпад. Вкупната количина на отпад собрана од собирачите на РЕДИ се движи околу +15 тони на отпад од пластични и хартиени амбалажи. РЕДИ Рециклажа ќе дејствува согласно бизнис планот и финансиската проекција за самоодржливост, што значи дека нови вработувања се предвидени во втората фаза на имплементација почнувајќи од 2023 година. Во моментов, РЕДИ Рециклажа е во операционализација на првата фаза на иницијативата за собирање на отпад при воспоставен систем за примарна селекција и во консултација со експерти ги планира следните чекори за негово усовршување.

Во делот на изборот на згради и компании во кои се врши селекција на отпад, какви се моменталните бројки, во кои општини функционирате и колкав е бројот на објекти во кои се поставени садови за селекција на отпад и од кои се врши преземање на отпадот? Дали повикот за пријавување на нови објекти е отворен и ако не е, кога би можело да се очекува дополнителен повик до граѓаните и компаниите?

Асиб Зекир: Од почетокот на иницијативата (1 октомври 2021 г.) досега се пријавени 360 згради за селекција на отпад, но поради административниот процес, РЕДИ Рециклажа досега успеа да постави канти за селекција на отпад во 120 од нив на територијата на општина Карпош. Неодамна склучивме и меморандум за соработка со општина Аеродром каде што наскоро би требало да почнеме со поставување канти. РЕДИ е социјално претпријатие кое сè уште е во својата почетна фаза на работење, така што бездруго ни е потребно дополнително време да изградиме солидна инфраструктура која соодветно ќе одговара на потребите на граѓаните. Повикот за пријавување на згради е константно отворен и граѓаните може да се пријават во секое време, а ние ќе пристапиме кон сервисирање на нивната зграда веднаш штом околностите ни дозволат.

Каква е реакцијата од ангажманот кај селектирачите на отпад? Колку тие досега се задоволни од формализацијата на нивните работни места и дали постои интерес и кај други лица коишто периодов ве контактирале за вработување во РЕДИ-Рециклажа?

Асиб Зекир: Нашите собирачи на отпад се млади Роми кои сериозно ја сфаќаат мисијата на РЕДИ и секојдневно придонесуваат кон нејзиното остварување. Како управител на РЕДИ Рециклажа можам да ви кажам дека сум задоволен од нивната посветеност и способност да одговорат на задачите коишто се предвидени и навистина чувствувам дека во РЕДИ се гради еден крајно професионален тим за собирање и одлагање отпад. Точно е дека веста за РЕДИ се шири доста брзо во ромската заедница и ние постојано ја дополнуваме нашата база на потенцијални собирачи со нови имиња. Сепак, соочени сме со една административна пречка, имено завршеното основно образование како предуслов за стекнување возачка дозвола од Б категорија, која е неопходна за ракување со нашите електрични трицикли според постоечкото законодавство. Па така, иако постојат многу заинтересирани Роми кои одлично би ја вршеле работата, поради нивната систематска исклученост од образовниот систем, многумина немаат стекнато ниту основно образование, а со тоа немаат ниту право да го полагаат возачкиот испит. Ќе продолжиме да работиме на ова прашање во надеж дека со Министерството за внатрешни работи ќе изнајдеме соодветно решение кое ќе ги ослободи возачите на трицикли од овој предуслов и ќе им овозможи на што повеќе Роми да добијат работно место во РЕДИ.

Електричните трицикли на РЕДИ-Рециклажа со кои се собира селектираниот отпад; Фото: Chapter 4

Каква е соработката на РЕДИ-Рециклажа со скопските општини периодов? Дали ја добивате поддршката што ја очекувате и во кој сегмент сметате дека би можело да има поцврста соработка во наредниот период? 

Асиб Зекир: Многу сме задоволни од досегашната соработка со општина Карпош, која на располагање ни стави простор за привремено складирање на селектираниот отпад, пред тој да биде пренесен до преработувачите со кои соработуваме. И општина Аеродром изразува сличен интерес и подготвеност да ни излезе во пресрет со сите потребни простории, а следни на листата за соработка ни се општина Центар и општина Кисела Вода. Се надеваме дека трендот за селектирање ќе го зафати целиот град, па наскоро и самите општини ќе доаѓаат кај нас со понуди за соработка. За едно социјално претпријатие како што е РЕДИ Рециклажа да може да си ги постигне стратешките цели, најчесто поврзани со локалната заедница и нејзиниот социоекономски развој, соработката со сите релевантни институции од локалната самоуправа е клучна.