fbpx

Пропаднаа преговорите: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА сакаат избори на 24 април, СДСМ е против

-

Пропаднаа преговорите помеѓу четирите политички партии на лидерската средба што се одржа во Пржино со посредништво на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, амбасадорот на САД, Џес Бејли, евроамбасадорот Аиво Орав и белгискиот олеснувач Питер Ванхауте.

Четирите најголеми партии не можеа да се договорат околу датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА се согласни изборите да се одржат на 24 април, а СДСМ е против затоа што смета дека нема услови за фер и демократски избори.

Премиерот Никола Груевски, по завршувањето на лидерската средба, рече дека не го прифатиле барањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за одложување на изборите, како и дека од утре ќе имаат пошироки партиски и општествени консултации и во наредните денови ќе ги кажат нивните идни чекори.

– На денешната средба Зоран Заев дојде со барања и инсистирања да се одложат изборите. Вечерва не се зборуваше ни за медиумите, ни за прочистувањето на избирачкиот список бидејќи Заев не сакаше. Тој инсистираше сите да прифатат дека е добро да се одложат изборите. Ни потроши повеќе од 12 часа, нам и на другите политички партии, како и на меѓународната заедница за да моли, да инсистира да нема избори на 24 април. Нам ни е јасно зошто го прави тоа, бидејќи знае дека ќе загуби. Меѓутоа, тоа е неприфатливо и неодговорно и такво нешто може да направи само неодговорен човек. Сака да ја внесе државата во уште поголема криза – изјави Груевски.

Тој додаде дека еврокомесарот Хан им соопштил дека бил информиран од претседателот на ДИК, како и од ОБСЕ и од ОДИХР дека нема никакви пречки за изборите да се одржат на 24 април.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги напушти преговорите со образложение дека СДСМ нема да учествува на избори доколку се одржат на 24 април.

– Не е постигнат договор. Ако има избори на 24 април, СДСМ нема да учествува. За СДСМ се неприфатливи избори без релегуалција на медиумите и без прочистување на избирачкиот список – изјави Заев.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ, рече дека три партии се согласни, а една не е со датумот на изборите.

– Сметам дека за вакви прашања треба да се постигне консензус. Очекуваме во следните денови сите страни да преземат ангажман и одговорност – изјави Ахмети.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, по завршувањето на лидерската средба во Пржино, изјави дека не е постигнат договор затоа што три партии се согласиле предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април, но една партија била против. Хан истакна дека Македонија се наоѓа во многу тешка состојба.

Белгискиот олеснувач, Питер Ванхауте, рече дека преговорите на работните групи ќе продолжат во наредниот период, но дека мнозинството од учесниците во преговорите се согласни да има избори на 24 април.

– Во наредните недели ќе продолжиме да се обидуваме да работиме на нерешените проблеми. Ќе се обидеме да постигнеме решение за медиумите и одблиску ја надгледуваме состојбата со организирањето на изборите и доколку дојде до избори, ќе се трудиме тие да бидат спроведени на најсоодветен начин – рече Ванхауте.

На новинарско прашање дали може да се спроведат избори без опозиција, Ванхауте рече дека ќе го одржува дијалогот и дека ќе почека да види што ќе реши опозицијата во наредните денови. На прашање дали има услови за избори на 24 април, тој рече дека е скептичен во поглед на функционирањето на Државната изборна комисија, која, според него, ги нема потребните услови за работа. Ванхауте додаде дека тој и Хан само ја надгледуваат состојбата и дека Македонија е независна држава во која мнозинството членови во Собранието сакаат предвремени избори на 24 април.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...